Уште еден бод му е потребен на Вардар за математички да ја обезбеди титулата во ПМФЛ. „Црвено-црните“ денеска на свој терен го совладаа Силекс со 2-1, но шампионската промоција ја одложи победата на Шкендија над Струга ТЛ.
Вардар сосема заслужено дојде до триумф на овој натпревар. Водеше 2-0, потоа Силекс намали на 2-1, а потоа избраниците на Гоце Седлоски имаа уште неколку добри шанси, меѓутоа лесно можеше да се случи и кратовци со еден бод да си заминат од Скопје.
Лидерот на табелата брзо поведе, на почетокот на третата минута. Цветковиќ со долга топка го проигра Закариќ, овој проби од десната страна, ја упати топката во петерецот, каде што Цветковиќ успеа да погоди во мрежата на Џеков.
Вардар дојде до предност од 2-0 во 17. минута со гол од пенал. Бутуровиќ стартуваше над Омерагиќ, со што беше досуден удар од белата точка, кој сигурно го реализираше Закариќ.
Следуваше „будење“ на Силекс и три шанси, меѓутоа промена на резултатот до паузата немаше.
Но, Силекс во 53. минута успеа да намали. По изведен корнер, топката ги прелета сите и стигна до Бутуровиќ. Стоперот на Силекс имаше време да се намести, и да ја смести во горниот агол од голот на немоќниот Талески.
Во 55. минута Силекс можеше да ги „шокира“ вардарци, но Мирчевски не реализираше одлична шанса, односно Талески одлично му го одбрани ударот.
Следуваа минути на Вардар во кои имаа шанси да дојдат до трет гол. Во 61. Спахиу од одлична позиција ја погоди мрежата само од надворешната страна. Потоа Закариќ се најде во прилика, неговиот удар го одбрани Џеков. Голманот на Силекс направи голема грешка во 84. минута кога му ја „подари“ топката на Николов, а овој се обиде со лоб, но само крај голот.
Вардар сега на следниот меч со Струга ТЛ на гостински терен ќе му треба само еден бод за официјално да стане нов шампион.








