Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, порача дека македонскиот народ во Втората светска војна застанал на вистинската, антифашистичка страна и со масовна народноослободителна борба се изборил за слобода и сопствена држава.
Во пораката, таа потсети дека илјадници македонски партизани, меѓу кои млади и стари, мажи и жени, селани, работници и интелектуалци, се приклучиле кон Народноослободителната борба со цел ослободување и остварување на правото на самоопределување.
Според претседателката, околу 25 илјади борци не ја дочекале слободата, но останале запишани како херои во македонската историја. Таа нагласи дека на 9 мај 1945 година, кога капитулирала нацистичка Германија, македонската војска броела повеќе од 110 илјади борци, што, како што истакна, претставува сведоштво за решеноста слободата да се извојува со голема жртва.
Сиљановска-Давкова се осврна и на трагедијата на македонските Евреи, потсетувајќи дека во март 1943 година биле депортирани 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип во логорот Треблинка, од каде речиси никој не се вратил.
Во пораката, претседателката порача дека 9 Мај е потсетник оти слободата и државата не се подарени, туку се изборени со крв и живот, поради што мора да се чуваат и бранат.
Таа повика на осуда на сите форми на фашизам и екстремизам, како и на посветеност кон мирот и европските вредности, посочувајќи ги Робер Шуман, Конрад Аденауер, Алсид де Гаспери и Жан Моне како примери за европско обединување.
„Слава на сите паднати антифашисти и борци за слобода. Нека нивната жртва никогаш не биде заборавена“, се наведува во пораката на претседателката.








