Под мотото „Чест за хероите, завет за иднината” Македонците од Мала Преспа, во Туминец, на 10 мај организираат посебна свеченост за оддавање почит на хероите од овој крај.
-На 10-ти мај, гордото Туминец ќе биде центарот на македонскиот дух. Организацискиот одбор упатува покана до сите, кои имаат можност, дека се добредојдени на свеченото откривање на споменикот посветен на македонските херои од овој крај, оние кои се вградија во нашата историја и опстојување, рече за МИА, Едмонд Темелко од организацискиот одбор.
Додава дека е предвидено свечено откривање на споменикот од страна на ктиторот, претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски, за што изразуваат голема благодарност, по што ќе следува богата културно-уметничка програма и традиционален македонски панаѓур.
-Овој чин е повеќе од настан – тоа е порака за единство, за враќање на достоинството и потврда на нераскинливата врска со татковината, Македонија. Посакувам да дојдеме во што поголем број, достоинствено да им оддадеме почит на нашите предци и гласно да покажеме дека македонскиот дух живее, посочува Темелко, претседател на Македонското друштво “Преспа” и поранешен градоначалник на Општина Пустец, во три мандати.
На брегот на Преспанско Езеро распослани се девет населени места, Туминец е второ по големина во областа.
Фото: МД „Преспа”








