МИЦКОСКИ ЗА 9 МАЈ: Нашата борба денес е за знаење, за развој, борба против сиромаштијата, корупцијата, неправдата и безнадежноста

Сè што правиме во овој период е насочено кон тоа државата повторно да ја застанеме на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Нашата борба денес, потенцираше, не е со оружје. Нашата борба е за знаење, за развој, за институции и за достоинствен живот. Борба против сиромаштијата, корупцијата, неправдата и безнадежноста. И таа борба мора да ја добиеме со истата решителност со која нашите предци ја бранеа слободата.

Цитирајќи го Винстон Черчил дека „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален – важна е храброста да се продолжи понатаму“ рече дека „токму таа храброст денес ѝ е потребна на татковината.

– Да продолжиме напред со исправена глава. Да градиме држава која ќе биде почитувана, стабилна и просперитетна. Држава која нема да биде симбол на поделби, туку пример за достоинство и напредок. Знам дека не се живее лесно. Знам дека многу семејства секој ден прават пресметки како да го поминат месецот. Дека ценовните шокови, инфлацијата и скапиот живот се најголемата грижа на граѓаните. И тоа не е само ваша грижа – тоа е и моја лична грижа. Затоа сè што правиме во овој период е насочено кон тоа државата повторно да ја застанеме на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек, рече Мицкоски.

Нашата политика, дополни, е на четири клучни столба –  економијата и животниот стандард, образованието, правдата, младите и иднината.

–  Нашата цел е јасна – повисоки плати, повеќе инвестиции, нови работни места и силна домашна економија. Работиме на поддршка на компаниите, на отворање нови капацитети, на инфраструктурни проекти и на финансиска стабилност. Не ветуваме чуда преку ноќ, туку чесна и напорна работа што ќе донесе реални резултати. Сакаме граѓаните да почувствуваат дека трудот се исплати и дека државата конечно работи за нивниот подобар живот, рече Мицкоски.


Тој порача дека моќта на образованието е најсилниот лек против сиромаштијата. Држава која инвестира во знаење, посочи, инвестира во својата иднина. Затоа вложуваме во училишта, во подобри услови за учениците и наставниците, во модерни програми и дигитализација. Сакаме младите да добијат образование кое ќе им отвора врати, а не ќе ги тера да ја бараат иднината надвор од Македонија. Образованието мора да биде двигател на промените и надеж за секое дете.

Народот, рече премиерот, со години беше разочаран од двојните аршини, од чувството дека за едни има закон, а за други нема. Затоа рековме – нема да има наши и ваши, нема да има заштитени и недопирливи. И докажавме дека правдата мора да важи за сите подеднакво. Само држава во која владее правото може да биде силна и стабилна држава. Граѓаните мора повторно да поверуваат дека институциите постојат за да служат на народот, а не на поединци.

Мицкоски потенцираше дека нема иднина ако младите ја губат надежта. Затоа, рече,  нашата борба е да создадеме држава во која младите ќе сакаат да останат, да создаваат семејства, да работат и да успеваат. Инвестираме во младите, во спортот, во иновациите и во новите можности. Сакаме младите луѓе да бидат двигател на промените, а не сведоци на разочарувања. Нашата обврска е да им оставиме држава со перспектива, достоинство и верба дека најдоброто време допрва доаѓа. Економија и стандард, правда, образование и иднина, наведе Мицкоски.

Според него,  9 Мај треба да биде потсетник дека слободата и мирот не се нешто што еднаш се добива и засекогаш се чува и оти генерација има должност повторно ја брани – со мудрост, со работа и со единство.

– Денес, кога се поклонуваме пред жртвите кои го победија фашизмот, не смееме да заборавиме една голема вистина – слободата никогаш не е подарена. Таа е избор. Таа е борба. Таа е жртва. И секоја генерација има должност повторно да ја брани, со мудрост, со единство и со човечност. 9 Мај не е само датум од историјата. Тоа е потсетник дека и во најтемните времиња народите можат да најдат сила да се обединат околу доброто. Дека омразата и поделбите никогаш не смеат да бидат посилни од достоинството и надежта. И дека Европа не е создадена само од договори и институции, туку од солзите на мајките, од жртвата на хероите и од сонот никогаш повеќе да не се повтори злото на војната. Ние, добро ја знаеме цената на слободата. Знаеме што значи борба за своја држава, за свое име и за свое достоинство. И токму затоа денес испраќаме порака дека остануваме на страната на мирот, слободата и европските вредности. Да градиме Европа која не заборава. Европа која обединува,  рече Мицкоски.