Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува Македонија да биде меѓу првите држави на која ќе и биде овозможен роаминг без дополнителни трошоци во ЕУ. Добри вести очекува на Самитот ЕУ-Западен Балкан којшто ќе се одржи на почетокот на јуни во Подгорица.
Смета дека ќе биде меѓу првите држави со кои Европската Унија ќе потпише договор за т.н. роаминг како дома.
– Има најава за почеток на преговори што е позитивен сигнал. Преговорите ќе се однесуваат на секоја земја поединечно и промената е таа што ќе се потпише специјален договор слично на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија со секоја од државите кандидати. Позитивно е што ние ги исполнуваме условите со донесувањето на Законот за електронски комуникации и со тоа сме, да речеме, во групата којашто прва ќе почне преговори – изјави денеска Андоновски, кој присуствуваше на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители.







