Премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, денеска изјави дека нејзината земја ќе ја ажурира својата безбедносно-економска Стратегија за слободен и отворен Индо-Пацифик, усвоена пред десет години, и оти Јапонија ќе има поактивна улога во регионот, пишува јапонскиот весник „Џапен тајмс“.
Токио настојува да ги зајакне врските во Азија со цел да се спротивстави на влијанието на Кина и да ја ублажи неизвесноста во врска со политиката на САД за време на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп.
Такаичи во обраќањето до студентите во Ханој преку видео врска рече дека во центарот на ажурираната Стратегија ќе биде изградбата на економски екосистем кој ги зајакнува синџирите на снабдување со енергија и ретки минерали, проширување и зајакнување на економскиот поредок заснован на правила и поттикнување на безбедносната соработка.
Јапонската премиерка додаде дека за одредување на судбината на земјите од Индопацифичкиот регион, автономијата и отпорноста се неопходни во сите аспекти на економијата, општеството и безбедноста, поради предизвикувачките меѓународни околности.
– Во овој регион, кој го држи клучот за идниот мир и стабилност на меѓународната заедница, ја потврдувам мојата одлучност да ја исполнам улогата на Јапонија, како што секогаш сме го правеле тоа, и да бидеме попроактивни повеќе од кога било во изградбата на меѓународен поредок заснован на слобода, отвореност, разновидност, инклузивност и владеење на правото – им порача Такаичи на виетнамските студенти.







