Воздушниот сообраќај над Емиратите повторно нормализиран, укинати мерките на претпазливост

Генералната управа за цивилно воздухопловство на Обединетите Арапски Емирати соопшти дека воздушниот сообраќај над земјата е повторно нормален и оти мерките на претпазливост се укинати.

Одлуката е донесена по сеопфатна процена на условите и во координација со надлежните органи, а следењето во реално време останува во сила заради безбедност, соопшти Генералната управа.

Управата им изрази благодарност на патниците и на авиокомпаниите за соработката за време на периодот на претпазливост и наведе дека нејзините технички и оперативни тимови се подготвени да реагираат на секој нов развој на настаните.


„На јавноста ѝ се препорачува да продолжи да се информира од официјални извори“, се вели во соопштението на Генералната управа за цивилно воздухопловство.

Од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран, Емиратите често беа цел на ирански дронови и проектили.

Техеран ги оправдуваше нападите врз Емиратите, кои не учествуваат во конфликтот, со тоа што во земјата се наоѓаат американски воени бази кои можат да бидат употребени во војната.