Началникот на Здружениот генералштаб на американската армија, Ден Кејн, и командантот на Централната команда, адмирал Бред Купер, го информирале американскиот претседател Доналд Трамп за плановите за можни напади врз Иран, објави новинарот на „Аксиос“, Барак Равид, на социјалната мрежа Икс.
Повикувајќи се на изјави на двајца неименувани официјални лица, Равид наведува дека вчерашниот брифинг траел околу 45 минути. Примирјето меѓу САД и Иран, кое започна на 8 април, „стави точка“ на непријателствата меѓу двете земји поради приближувањето на рокот кога Трамп треба да побара одобрување од Конгресот за продолжување на воените активности, изјави претходно висок функционер од американската администрација. Тој додаде дека од почетокот на примирјето нема размена на оган меѓу американските и иранските вооружени сили.
Претходно, аналитичари и советници во Конгресот оценија дека Трамп би можел да го извести законодавниот дом за 30-дневно продолжување на овластувањата или едноставно да го игнорира рокот, додека администрацијата тврди дека прекинот на огнот веќе означува крај на конфликтот. Законот од 1973 година му дава на претседателот рок од 60 дена да заврши воена операција започната без одобрение од Конгресот, по што мора да побара согласност или дополнително 30-дневно продолжување поради „неизбежна воена потреба“.







