ДУИ: Бараме ЈО веднаш да покрене кривична истрага против Бурим Латифи за злоупотреба на службената должност и оштетување на буџетот

Кој го овластил Бурим Латифи да го раскине договорот со сараевската компанија и да потпише со онаа на Додик — и покрај негативното мислење на Надзорниот одбор — предизвикувајќи штета од 6 милиони евра, се наведува во соопштението од ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.

Демократската унија за интеграција бара итен јавен и институционален одговор: кој стои зад одлуката на Бурим Латифи, генерален директор на МЕПСО и прв братучед на Изет Меџити, да го раскине договорот со Енергоинвест од Сараево и да го замени со ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ од Бања Лука?

Она што оваа одлука ја прави уште потешка е фактот дека Надзорниот одбор на МЕПСО дал негативно мислење за овој чекор. И покрај тоа, Бурим Латифи продолжил — газејќи го највисокиот орган на внатрешна контрола на компанијата и отворајќи ја вратата на компанија тесно поврзана со мрежата на интереси на Милорад Додик во критичната енергетска инфраструктура на С. Македонија, земја членка на НАТО.


Последиците се тешки и документирани: Меѓународниот трибунал ДАБ, кој работи според правилата ФИДИК, ги отфрлил сите контрабарања на МЕПСО од 19,3 милиони евра и му признал на Енергоинвест право на 6 милиони евра одштета — пари кои ќе излезат директно од државниот буџет, од џебовите на граѓаните.

ДУИ бара Јавното обвинителство веднаш да покрене кривична истрага против Бурим Латифи за злоупотреба на службена должност и оштетување на државниот буџет. Исто така се бара целосна ревизија на сите договори потпишани за време на неговиот мандат, како и итна суспензија на договорот со ЕЛНОС БЛ до целосно разјаснување на околностите.„Штета од шест милиони евра не се случува случајно. Се случува кога некој одлучува против институциите, против законот и против интересот на граѓаните. Бурим Латифи мора да одговара — и заедно со него, и оние кои го овластиле.”