Мицкоски до Беџети: Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, луѓето во 21. век на Марс се качија, вие се обидувате да добиете поени со ситен популизам

Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, дури и се обидувам да го научам. Колку повеќе јазици знаете, толку сте побогати. Луѓето во 21 век на Марс се качија, а вие се обидувате со ситен популизам, мислејќи дека ќе добиете некакви поени, а губите, мислите ќе направите нешто за вас и вашата партија, нема, тоа време заврши. Додека мене ме гледате тука, а јас вас ве гледам ви кажувам тоа време заврши. Ова е нова Македонија во која секој граѓанин придонесува и се труди за иднината на оваа земја, поеднакво, а не по етничка основа, туку поеднакво, сите сакаме да придонесеме со проект повеќе, со политика повеќе, со реформа повеќе, изјави премиерот Христијан Мицоски денеска, одговарајќи на прашањето на пратеникот Блерим Беџети од Европски фронт во врска со законот за употребата на јазици на денешната собраниска седница на пратенички прашања.

Беџети упати прашање до премиерот во однос на законот за јазици, односно рече дека Венецијанската комисија изнесува минимални стандарди, а не максимални граници и дека државите имаат простор да градат понапредни модели и да ги унапредувааат правата. Исто така го обвини премиерот за манипулации и двојни стандарди во однос на тоа како ги користи и мислењата на Венецијанската комисија и одлуките на Уставниот суд.

-Никој нема ништо против користењето на јазиците во Македонија што ги употребуваат делови од народите на одредени територии или на целата територија, како што е случајот со албанскиот јазик. Ниту пак некој некогаш го спорел тоа. Вчера на гости беше претседателот на Швајцарската Конфедерација и додека тој зборуваше и се обраќаше на англиски јазик, во позадина преводот беше на македонски и на албански. Уставот вели дека единствен јазик во меѓународна употреба е македонскиот, па тоа не ни пречеше. Најмалку ни пречеше – дури и мојот говор и обраќање беа преведени на албански, па тоа не ми пречеше и нема да ми пречи. Затоа што никогаш нема да дозволам ситни души со ситни теми да играат на чувствата на граѓаните во Македонија, бидејќи јас сум претседател на Владата на сите граѓани – и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Власите, и на Ромите, и на Бошњаците и на сите останати – рече Мицкоски.

На Беџети му порача дека Венецијанската комисија зборува едно, а тој цитирал нешто сосема друго.


-Венецијанската комисија дава негативно мислење и препорака во своето мислење, во членот 102, да се напушти примената на двојазичноста во правосудниот систем и да се вратиме на Законот за јазици од 2008 година, тоа го вели Венецијанската комисија. Инаку, таа генерално дава позитивно мислење, но не дава мислење за уставноста на законот, туку дали е согласно меѓународното право. За уставноста одлучува Уставниот суд, кој во овој состав го избра вашето мнозинство. Ова парламентарно мнозинство се обидува да ги исправи недостатоците што ги оставија СДСМ и ДУИ како Влада и да ги коригира – рече Мицкоски.

Нагласи дека ова парламентарно мнозинство нема да им дозволи да си играат со чувствата на граѓаните и додаде дека тие тоа го препознаваат и ќе го кажат својот став на следните парламентарни избори.

-Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, ниту против тоа дел од турскиот народ да го користи турскиот, српскиот и останатите јазици. Но она што треба вистински да си го поставиме како прашање е зошто континуирано мислите дека оваа политика, која ви донесе негативни резултати, ќе ви донесе позитивни, нагласи Мицкоски.