Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли извештаите дека тој следната недела треба да го посети американскиот претседател Доналд Трамп.
„Не се очекува премиерот Нетанјаху да отпатува во САД следната недела“, се вели во денешното соопштение и се додава дека тој, сепак, често разговара „со својот пријател, претседателот Трамп“.
Неколку медиуми јавија дека двајцата треба да се сретнат во САД следната недела, пренесе ДПА. Како повод се наведуваа мировните преговори меѓу Израел и Либан, како и координацијата со САД за идната политика кон Иран.
Трамп минатата недела најави дека во блиска иднина ќе ги прими израелскиот премиер и либанскиот претседател Џозеф Аун. Тој не наведе точен датум за таквата средба.
Неодамна во Вашингтон се одржаа директни разговори на амбасадорско ниво меѓу Израел и Либан. Израел инсистира на целосно разоружување на либанската исламистичка милиција Хезболах, додека Либан бара целосно повлекување на израелската армија од земјата.
Нетанјаху го посети Трамп во САД неколку пати откако американскиот претседател се врати на функцијата. Израелскиот премиер последен пат беше во Белата куќа во февруари, непосредно пред двете земји да ја почнат војната против Иран.








