Претставниците на Иранската фудбалска федерација не присуствуваа на најголемиот официјален состанок на лидерите на азиските федерации пред финалниот турнир на Светското првенство во 2026 година. Состанокот се одржа вчера во Ванкувер, објави „АП“.
Во присуство на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на Конгресот на Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) не беше дискутирано ниту учеството на Иран на турнирот, ниту прашањето дали натпреварите на тимот треба да се преместат надвор од Соединетите Држави поради конфликтот меѓу двете земји.
Постојат загрижености дека проблемите со визите би можеле да влијаат на можноста на иранската делегација да присуствува и на состанокот на конфедерацијата и на Конгресот на ФИФА, како и на самиот финален турнир на Светското првенство во 2026 година, кој започнува на 11 јуни.
Мундијалот со 48 репрезентации ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
Не е јасно дали проблемите со визите ги спречиле претставниците на Иран да присуствуваат на Конгресот на АФЦ. Сепак, кога на деветте екипи на АФЦ кои се квалификуваа за финалниот турнир им беа врачени пригодни подароци, беше објавено дека Иран ќе го добие својот подарок „штом пристигнат неговите претставници“.
Минатата недела, портпарол на иранската влада изјави дека националниот тим се подготвува за „гордо и успешно учество“ на натпреварите на Светското првенство во 2026.
– Сега, уште повеќе, кога светот поминува низ многу деликатно, тешко и опасно време со многу конфликти, а многумина од вас се директно засегнати и вклучени во овие конфликти, треба да најдеме начини да ги изградиме овие познати мостови, или можеби наместо тоа да изградиме фудбалски игралишта и да бидеме домаќини на натпревари каде што луѓето можат да се обединат и да се здружат, рече Инфантино на Конгресот на АФК.
Репрезентацијата на Иран треба да игра против Белгија, Нов Зеланд и Египет во Групата Г од финалето на Светското првенство во 2026 година.








