Користејќи ги системите за пресретнување Украина во март успеала да собори повеќе од 33.000 руски дронови од различни видови, што претставува месечен рекорд од почетокот на руската инвазија пред повеќе од четири години, изјави украинскиот министер за одбрана Михаил Федоров.
Во меѓувреме, украински дрон со долг дострел, од домашно производство, погоди руска рафинерија за нафта и терминал на Црното Море по трет пат за помалку од три недели, што доведе до евакуација на околните жители, а Русија издаде предупредување за можни последици врз животната средина.
Американските медиуми пишуваат дека Украина разви напредна технологија за дронови што се покажа како суштинско за силното одбивање на нападите од руската армија и го привлече вниманието на светот.
Дронови-пресретнувачи како дел од сеопфатниот систем за воздушна одбрана сега се бараат на Блискиот Исток и земјите од Заливот поради војната во Иран, изјавија украинските власти.
Украина ги зголемува своите залихи на пресретнувачи на беспилотни летала за да ги спречи руските воздушни напади, а нејзината војска воведе нова команда во рамките на воздухопловните сили за да ги зајакне капацитетите на земјата, изјави министерот Федоров во објава на Телеграм.
Офанзивните капацитети на Украина исто така се подобрија, а Министерството за одбрана вчера објави дека вооружените сили на земјата повеќе од двојно го зголемиле дометот на нивните ударни капацитети откако започна руската инвазија во февруари 2022 година.
Тогаш, украинските сили можеа да погодат воени цели на околу 630 километри оддалеченост, соопшти министерството, додавајќи дека сега погодуваат цели дури 1.750 километри зад непријателските линии.
Со ова подобрување, Украина сега може да погоди руски нафтени инсталации што ѝ обезбедуваат на Москва важни приходи. Исто така, целеше и фабрики кои ги снабдуваат руските вооружени сили.








