Рубио: Понудата на Иран за отворање на Ормуската Теснина е неприфатлива за САД

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека понудата на Иран за повторно отворање на Ормуската Теснина под строги услови не е прифатлива за САД, ниту за другите земји.

– Она што тие го подразбираат под отворање на преминот е тој да биде отворен за пловидба сè додека минувањето низ него се координира со Иран и се добива нивна дозвола, или ќе ве кренат во воздух и ќе ви наплатат – изјави американскиот функционер и повтори дека САД нема да толерираат обиди за држење на меѓународните пловни патишта како „заложници“.

Според Рубио, тоа не е отворање на Ормуската Теснина, која, инаку, претставува меѓународни води.

– Тие не можат да го прикажат како нормален, ниту пак ние можеме да им го толерираме тоа, системот според кој Иранците се тие кои одлучуваат кој ќе го користи теснецот – рече американскиот државен секретар во интервју за Фокс њуз.

Рубио истакна дека Иран е „сериозен“ во врска со постигнувањето договор со САД, но наведе и дека каков било договор мора да вклучува спречување на Иран да развива нуклеарно оружје.


– Мислам дека се сериозни во врска со извлекувањето од нередот во кој се наоѓаат – наведе Рубио.

Тој оцени дека во Иран од почетокот на војната се влошени економските услови како што се инфлацијата, проблемите во исплатата на платите и санкциите.

– Сите проблеми што ги имаше Иран пред почетокот на овој конфликт и понатаму се присутни, а повеќето од нив се полоши. Мораме да се погрижиме каков било договор дефинитивно да го спречи Иран во кој било момент да оди кон нуклеарно оружје – заклучи Рубио.

Иран претходно им изнесе на САД нов предлог за повторно отворање на Ормуската Теснина и за ставање крај на војната, додека нуклеарните преговори се одложени за подоцнежна фаза, пренесе денеска Аксиос, повикувајќи се на еден американски функционер и два извори запознаени со ситуацијата.

Новиот предлог, даден на САД преку пакистански посредници, прво се фокусира на решавање на кризата околу теснецот и американската блокада. Како дел од тоа, прекинот на огнот би бил продолжен на подолг период или страните би се согласиле за трајно завршување на војната.