Опозицијата не се надева на напредок во однос на евроинтеграцскиот пат на државата по изјавата на премиерот дека ќе чекаме додека не добиеме сигурни гаранции за евроинтеграцискиот процес. Сметаат дека е потребно обединување на сите политички фактори околу ова прашање и тоа да не се користи за добивање дневнополитички поени.
Претседателот на собранискиот Национален совет за евроинтеграции и лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на денешната дебата за улогата на Собранието на патот кон ЕУ, која втор ден се одржува во законодавниот дом, рече дека нема напредок во реформската агенда и дека е донесен само еден закон од сферата на правосудството од десетината што требало да бидат донесени во 2025 година.
– За жал, вистината е разочарувачка. Немојте ништо да очекувате од европскиот пат. Тоа не го кажувам јас, туку премиерот Христијан Мицкоски, кој вели ако треба ќе чекаме децении за Европа. Што може да очекуваме по таква експлицитна изјава во јавност дека оваа влада нема да направи еден чекор кон Европа. Во тој контекст, европската реформска агенда е уште еден индикатор дека оваа влада не работи ништо. Во текот на 2025 година десетина закони требаше да се донесат во сферата на правосудството, а се донесе само еден закон и тоа со парцијално имплементирани насоки од Оценската мисија на Европската Унија. Што може Собранието да направи кога Владата не праќа никакви закони? По пожарот во Кочани јас бев кај премиерот, понудив заедничка работа на реформската агенда, формиравме работна група. Од Министерство за правда ги пратија законите, дадовме наше експертско мислење, но никој не одговори на мислењата што ги пративме во Министерство за правда, рече Филипче.
Според поранешниот министер за надворешни работи од редовите на ДУИ, Бујар Османи, потребен е внатрешен консензус околу прашањето за евроинтеграцискиот процес на државата. Тоа, вели Османи, е појдовната точка од која треба да се тргне.
– Ако немаме заеднички консензус внатре за ова стратешко патешествие, тогаш се е јалово. На пример, Хрватска преговараше седум години за влез. Знаете како Хрватска го постигна тоа? На почетокот, Владата се определи дека нема да прави дневна политика со прашањето за влез во ЕУ. Сите претседатели на политички партии седнаа и си ја подадоа раката и се договорија дека нема да се натпреваруваат во процесот на преговори меѓусебно. Хрватска е единствен пример каде што, иако се менуваа владите, немаше судир меѓу политичарите за ова прашање. За жал, овде кај нас ЕУ и Брисел се претворени во инструмент за дневна политика. За жал, ситуацијата е таква, нема волја за интеграција во ЕУ, перспективата е бледа. Она што ми дава надеж е само тоа дека граѓаните имаат волја за Европската Унија и притисокот треба да го направиме заедно, граѓаните треба да извршат притисок врз Владата за ова прашање, рече Османи.
Сличен став има и поранешната генерална секретарка на Собранието и поранешна пратеничка Цветанка Иванова, според која Собранието има и човечки и технички можности да го поддржи овој процес. Она што треба да се направи е обединување околу ова прашање.
– Разлики секогаш ќе постојат, но час поскоро треба политичките партии да седнат и да најдат заедничка точка на спојување. Овој процес не е за Собранието или Владата, туку за сите нас за да живееме подобро, рече Иванова на пленарната сесија од дебатата „Моделот на вклучување на Собранието на РС Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ“.
Од владејачкото мнзоинство велат дека законите од европската агенда се носат максимално транспарентно и дека при носењето се вклучуваат и експерти чие мислења се респектираат.
Се трудиме законите од европската агенда да ги носиме максимално транспарентно каде што ги вклучуваме експертите. Од друга страна, овие закони се работат подолг временски период со вклученост на експерти во различни работни групи и врз база на забелешки од оценски мисии, рече Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, чие учество беше најавено, не беше присутен на вториот ден од дебатата за улогата на Собранието во процесот на пристапувањето во ЕУ. (МИА)








