Владата ретерира откако СДСМ побара законот за двојно државјанство да важи за сите избрани и именувани функционери, рече на прес-конференција Андреј Жерновски, кој неодамна потврди дека неговиот дедо бил бугарски кмет.
Жерновски е член на Извршниот одбор на СДСМ и секретар за меѓународна соработка, наведува Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ во соопштение, кое го пренесуваме интегрално:
Имаме многу важна тема којашто мора да продолжиме да ја дискутираме во јавноста, затоа што ова прашање допрва се отвора и е прашање коешто го открива и го прикажува вистинскиот карактер на денешната влада.
Во оваа влада на Христијан Мицкоски има повеќе бугарски пасоши отколку што можевме да замислиме досега.
Значи, можеме веднаш на самиот почеток да заклучиме дека се работи за влада на лажни патриоти со бугарски пасоши. И тоа се претставници на Влада којашто наводно треба да го чува македонскиот национален идентитет токму од Бугарите, а имаме Влада и цела екипа којашто е преполна со бугарски државјани.
Сите тие сега без проблем би можеле да се кандидираат на наредните парламентарни избори во Бугарија. Можеа и на овие избори да се кандидираат, затоа што поседуваат бугарски државјанства.
Но, она на што мора да одговорат пред македонските граѓани е следното: чии интереси тие ги застапуваат? Македонски интереси или бугарски интереси?
И така, една по една, сите предизборни лаги на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат на површина.
Прво, ако се сеќавате, да потсетиме, Мицкоски молеше, коленичеше да дојде на власт. Кажа дека ќе го поништи Преспанскиот договор, излажа за името дека ќе го врати. Потоа, се сеќавате, ќе организира измени за договорот со Бугарија, па ќе има нова преговарачка рамка и така натаму, лага до лага.
Меѓутоа, сега дознавме дека заборавил на тие избори кога ја доби довербата да им каже на граѓаните дека кога гласаат за него и кога гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, всушност гласаат за бугарски државјани.
Имаме чувство дека сите тие граѓани коишто се излажани сега имаат непријатно чувство и дека не би ја добил истата доверба кога повторно би одел на избори, а да знаат за што гласаат.
Што всушност се случи?
Тргна Мицкоски со еден „црвен детектор“ на којшто пишува „патриотска Македонија“ во парламентот да лови двојни државјанства, за да ни покаже колкав патриот е.
Почна да потсвирнува детекторот во неговата пратеничка група, па одлучи да не важи законот за двојно државјанство за овој состав, туку за наредниот парламентарен состав.
Но, не беше тоа најголемата белја. Најголемата белја беше кога со детекторот отиде во Владата. Е таму, што би рекол Миле Јанакиевски, почна детекторот да вришти и да пишти, затоа што беше преполно со бугарски државјани.
Сега, кога вистината излезе на виделина и кога како СДСМ побаравме законот за двојно државјанство да важи, се разбира, за сите избрани и именувани функционери, односно за целата влада, сега имаме ретерирање.
Значи, што се случи? Премиерот ретерира поради следново. Во среда премиерот беше лажен комита Христијан којшто ќе се бори за македонските интереси. Во четвртокот стана Мицкоски – уставобранителот лажен.
Меѓутоа, се поставува прашањето – не можеа ли да ги консултираат своите уставни експерти за законот пред да биде поднесен? Тогаш не важеше? Јасно е дека ќе излезе на површина целата вистина.
Да не нè чуди да се повлече целиот закон, затоа што не може Мицкоски и целата партија да објаснат како тоа законот да важи за оние коишто се во Собранието, за пратениците, а да не важи за неговите министри.
Проблемот е што веќе е евидентно дека во ВМРО-ДПМНЕ има голем број функционери со бугарски пасоши, министри, пратеници, градоначалници, директори на јавни претпријатија и така натаму.
Или можеби една од причините зошто ќе се повлече ова законско решение е и поради Груевски – колку што слушнавме, освен унгарски пасош добиен од Орбан, поседува и српски пасош добиен од Вучиќ.
Сите овие лаги на Христијан Мицкоски завршуваат исто, прочитани од народот, како книга којашто веќе е здодевна и на сите им е јасно што содржи.
Го дознавме и нивниот план за евроинтеграциите.
Така, сега може да влезат во Европската Унија само граѓаните коишто имаат бугарски пасоши. Односно, да бидеме до крај отворени, што се однесува до голем дел од членовите на Владата, тие веќе се во Европската Унија, затоа што имаат бугарски пасоши.
Но тоа мора да им се објасни на граѓаните, за што всушност се борат.
Да заклучам на крај: оваа тендер коалиција помеѓу ВМРО и ЗНАМ веќе е јасно како е формирана.
Сакаме да се обратиме и до членовите на ЗНАМ, за кои знаеме дека беа излажани и манипулирани, дека не знаеле во тој момент дека партијата е формирана само за да му наштети на СДСМ, ништо друго.
Бидејќи тие што гласаа за ЗНАМ сме сигурни дека немаше да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, ниту да ја формираат таа партија доколку знаеа дека целиот тој проект служи за измама.
Но, како што кажав, ќе се бориме до крај вистината да излезе на виделина, бидејќи доаѓа времето на вистината, времето на правдата и секако времето на одговорност.
Прес-конференција на Андреј Жерновски – член на Извршниот одбор на СДСМ и секретар за меѓународна соработка
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
https://denesen.mk/zernovski-prizna-deka-dedo-mu-bil-bugarski-kmet-e-pa-znachi-kiril-zernovski-vo-toj-period-e-kmet/








