За крајот на јуни (26 – 28) во Белград и во Нови Сад се најавени неколку големи собири на приврзаници на владејачката Српска напредна странка, на кои ќе има обраќање и претседателот на државата, Александар Вучиќ и можно е тие датуми да одговараат на потенцијалниот датум на избори, односно митинзите да се одржат на крајот од евентуалната изборна кампања, додека парламентарни избори би можеле да се организираат во првата или втората недела од јули.
Во околности кога избори за студентскиот парламент на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград не можеа да се одржат без присуство на полиција, и со нерегуларности за изборите за медицинските комори на Србија и Војводина во јавноста во државата интензивно се поставува прашањето за одржување избори оваа година и особено за првата половина од јули.
Првото споменување на српскиот претседател Александар Вучиќ дека избори би можеле да се одржат оваа година беше по локалните избори во десет општини што се одржаа на 29 март.
Законскиот рок за распишување вонредни парламентарни избори е од 45 до 60 дена пред одржувањето, а можниот датум е од јуни во тековнава година до следната година и крајот на Експо или редовните претседателски избори, наведуваат српски медиуми.
Претседателот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ, вчера во интервју за Нова изјави дека, судејќи според информациите од терен, како и од странските претставници и претставниците на ЕУ, српскиот претседател Александар Вучиќ речиси сигурно планира предвремени парламентарни избори за 12 јули.
„Ми се чини дека веројатно ќе биде на 12 јули и ми се чини дека е речиси сигурно. Вучиќ најави отворање на капитални проекти, инфраструктурни проект… а тоа ќе се случи во текот на јуни“, рече Алексиќ.
„Во мај најверојатно ќе бидат усвоени предлозите за измена на изборните закони врз основа на препораките на ОДИХР иако тие закони не менуваат ништо фундаментално. Според информациите што ги добивам, во рамките на јавните претпријатија и установите во Србија, во голем обем се формираат изборни штабови на СНС, а се врши притисок врз бизнисмените во Србија од кои се бара да ги достават имиња и презимињата на своите вработени. Преку центри за социјална работа и домови за стари лица, со координација на министерката Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, распределбата на квоти за капиларни гласови започна“.
Алексиќ исто така вели дека таа информација е достапна и за високи функционери на европски земји, како и за претставници на ЕУ, и дека на одлуката на Вучиќ се гледа со неодобрување.
Раководството на Српската напредна странка сериозно пристапи кон планирањето на митинзите во крајот на јуни. Се очекуваат големи говори, големи јавни собири, голем број симпатизери и поддршка, како и обраќање на Вучиќ на Видовден (28 јуни), објавија српските медиуми.
„Едно можно сценарио е дека ова значи дека ќе одиме на избори ова лето, бидејќи претседателот веќе најави дека оваа година веројатно ќе се одржат предвремени парламентарни избори, со цел да се исполнат барањата на опозицијата и по студентските протести, за да се тестира волјата на народот. Според сите анкети, базата на СНС е многу стабилна, што го покажаа и локалните избори во десет градови во март, вели за Блиц извор близок до раководството на СНС.
Кога станува збор за редовни претседателски избори, тие треба да се одржат во пролетта во 2027 година, а парламентарните избори – во 2028 година, но претставниците на властите, пред се претседателот на државата, неколкупати споменаа дека вонредни избори би можеле да се одржат во 2026 година.
На 1 декември 2025 година, Вучиќ изјави дека Србија „влегува во изборна година“ и дека единственото прашање е дали претседателските избори ќе се одржат заедно со парламентарните избори.
„Влеговме во изборна година, ќе имаме избори најдоцна во рок од една година“, изјави тогаш Вучиќ.
Тој неколкупати повтори дека Уставот на Србија нема да се менува за да може повторно да се кандидира за претседател на Србија, бидејќи неговиот втор петгодишен мандат завршува, но во своите изјави не прецизира дали повторно би можел да биде премиер, што е функцијата што ја имаше од 2014 до 2017 година.
Студентите во блокада, кои протестираат повеќе од една година по смртта на 16 лица при падот на бетонската настрешница на реконструираната железничка станица во Нови Сад во ноември 2024 година, бараат распишување вонредни парламентарни избори од мај 2025 година. На 28 декември лани тие собраа во повеќе од 100 градови во државата, како што тврдат, повеќе од 393.000 потписи од граѓани кои го поддржуваат нивното барање како дел од акцијата „Прогласи победа“.
На локалните избори во 10 општини во Србија на 29 март победи Српската напредна странка во сите 10 општини. Локалните избори се одржаа во Бајина Башта, Аранѓеловац, Кладово, Севојно, Кула, Књажевац, Лучани, Смедеревска Паланка, Мајданпек и Бор.
„Распишувањето вонредни парламентарни избори во 2026 година не е невозможно, но е многу ризично за режимот. Ако Вучиќ распише парламентарни избори пред претседателските избори, како претседател нема да може да биде премиер, и мандатот ќе мора да го добие некој друг. Доколку сака да биде кандидат за премиер, ќе мора да го скрати својот мандат и да распише претседателски избори, а секој претседател кој го скрати својот мандат во Србија, од која било причина, ја изгуби власта. Доколку режимот остане на сегашното ниво на поддршка, каде што заостанува зад антирежимскиот блок за околу шест проценти, тоа е ризичен потег. Ми се чини дека најрационалното нешто за нив е да продолжат да го малтретираат, делат, клеветат и замолчуваат антирежимскиот блок и да се надеваат дека времето работи за нив, за да можат да ги обединат сите избори во 2027 година. Ова, се разбира, носи уште еден ризик, а тоа е дека довербата во легитимитетот на владата само ќе продолжи да опаѓа, а потоа истовремено ќе ги изгуби и двете лостови на извршната власт, и владата и претседателот. Можно е да се нетрпеливи и да сакаат што побрзо да се справат со студентската листа, очекувајќи дека тие не се доволно консолидирани“, вели Филип Ејдус, професор на Факултетот за политички науки во изјава за Радар.
Пратеникот на Србија центар (СРЦЕ), Стефан Јањиќ, изјави дека Александар Вучиќ не знае што да прави и дека со споменувањето различни датуми за одржување на изборите, само сака да ги збуни граѓаните.
„Вучиќ спомена нов датум – 10 јули. Петок е, не знам како му текна дека изборите да се одржат на 10 јули, што значи дека апсолутно сака да ги збуни граѓаните на Србија. Па, тој негов план евентуално да ја реконструира Владата, за тој да биде премиер. И тоа е можно, но не сум баш сигурен дека е подготвен да го скрати претседателскиот мандат. Премногу е суетен за тоа“, рече Јањиќ за Н1.
Датумите за кои Драган Милиќ, претседател на Движењето за децентрализација на Србија (ПОДЕС) од Ниш, оценува дека би можеле да бидат соодветни за Вучиќ за вонредни парламентарни избори се 5 или 12 јули.
Милиќ за „Данас“ изјави дека постојат три важни причини за брзањето: На Српската напредна странка и е потребна што е можно помала излезност за победа, (поради одење на одмори); економската криза ќе се зголемува и ќе доведе до раст на народното незадоволство, а студентите и опозицијата се „недоволно подготвени, неорганизирани и фокусирани на меѓусебни спорови“.
Професорот Милош Бешиќ од Факултетот за политички науки во изјава за РТС рече дека мора да се почека потегот на властите – кога им одговара распишување избори. Тој додава дека постојат неколку сценарија, но дека нема сомнение дека помала излезност и одговара на владејачката партија.
„Штабовите имаат голема количина информации што ние ги немаме – расположението во партиите, меѓу граѓаните, одборите…Ако го гледаме тоа како шаховска игра, мислам дека владејачката партија чека и изнудува потег од другата страна“, вели тој.
Бешиќ потсетува дека властите излегоа со идеја да се распишат изборите на Видовден, односно да објави за да изнуди потег од студентската листа и да види какви се нивните капацитети и обем, како и кои би биле носителите на листата.
„Мислам дека најавата може да биде реална, како пробен балон, но и начин да се види како опозицијата и студентската листа ќе одат на изборите кадровски и организациски. Кога ќе го видите тоа, тогаш можете да ги поместите изборите за крајот на годината, бидејќи поместувањето е во нивни раце, смета Бешиќ.
Се уште не е познато дали опозициските листи ќе излезат посебно, заедно или со студентската листа, а опозицијата во Србија се собира пред секое сериозно објавување за избори. Лидерите на опозицијата на состанокот на 23 април рекоа дека станува збор за нивно обединување и излегување на гласачки места. Демократската партија и движењето „Крени-промени“ не присуствуваа на состанокот. Тие уште претходно одлучија да ги поддржат студентите.
Според професорот Бешиќ, засега „опозицијата парадоксално ги поддржува студентите, но во исто време најавува и независно учество на изборите“.
Аналитичари во Србија наведуваат дека е можно парламентарните и претседателските избори да се одржат заедно, но и дека изборите ќе бидат одвоени, пред се парламентарните каде што Александар Вучиќ би можел да биде носител на листата и кандидат за премиер. Тие наведуваат дека не би било изненадување ако кандидат на владејачката коалиција за претседател биде Ивица Дачиќ или некој неочекуван – универзитетски професор, како што е сегашниот премиер Ѓуро Мацут.
Кога станува збор за студентската листа, засега спекулативно од страна на медиумите во Србија, во игра се имињата на ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, како можен носител на листата, и кошаркарот Дејан Бодирога.








