Официјално е отворена првата Инфо-канцеларија на „Скопје 2028“, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
– Вечерва, во Музејот на град Скопје, во присуство на гости од Европа, го направивме првиот чекор кон уште поотворена, подостапна и поинклузивна комуникација со граѓаните. Оваа Инфо-канцеларија е нов простор каде граѓаните ќе можат одблиску да се информираат за процесот, активностите и визијата поврзани со Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година – напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ова е само почеток. Во следниот период, како што информираше градоначалникот, вакви инфо-точки ќе бидат отворени и во други јавни установи низ градот, со цел „Скопје 2028“ да биде поблиску до секој граѓанин, до секоја населба и до секоја заедница.
– Сите јавни установи под надлежност на Град Скопје ќе добијат свои инфо-канцеларии, како места за информирање, комуникација и вклучување на граѓаните во овој значаен процес. Титулата „Европска престолнина на културата“ не ја гледаме само како културен настан, туку како историска можност за вистинска трансформација на Скопје – додаде скопскиот градоначалник.
Во објавата пишува и дека ова е процес што ќе допре до инфраструктурата, урбаното уредување, социјалната грижа, јавниот простор, културните установи, младите, креативните индустрии и сите пори на градскиот живот.
– Скопје 2028 е визија за современ, европски, достоинствен и отворен град. Град што ќе се менува за своите граѓани и со своите граѓани. Од денес, таа приказна станува уште подостапна за сите – потенцираше Ѓорѓиевски.
🇪🇺 Официјално е отворена првата Инфо канцеларија на „Скопје 2028“.
📍 Вечерва, во Музејот на град Скопје, во присуство…
Posted by Орце Ѓорѓиевски – Orce Gjorgjievski on Friday, April 24, 2026








