Реал Мадрид ќе ја заврши сезоната без своите фудбалери Арда Гулер и Едер Милитао, кои се повредени, објави денеска шпанскиот весник „Марка“.
Гулер има проблем со десната тетива, додека Милитао со левата нога, а двајцата играчи се повредија на натпреварот против Алавес во вторникот.
Според весникот, повредата на Милитао е „позагрижувачка“ и неговиот настап на претстојното Светско првенство во дресот на Бразил засега е „неизвесен“.
„Случајот на Гулер е поразличен и постои уверување дека неговото закрепнување напредува добро и ќе биде подготвен да настапи за Турција на Светското првенство“, наведува „Марка“.
Реал Мадрид е второпласиран на табелата во шпанското првенство со 73 бодови, девет помалку од лидерот Барселона, додека настапот во Лигата на шампиони заврши со елиминацијата од Баерн Минхен во четвртфиналето.







