Министерот за спорт, Борко Ристовски денеска ги посетил младите македонски ракометари и ракометарки кои настапуваат на Светското училишно првенство во ракомет, што се одржува до 29 април во Скопје, во организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт на Македонија.
Како што информираат од Министерството за спорт, Ристовски им упатил честитки за одличниот старт и им посакал да продолжат во ист ритам и со уште поголема самодоверба во следните натпревари.
Машката и женската училишна репрезентација на Македонија се дел од училишниот ракометен мундијал на кој настапуваат над 600 натпреварувачи од 20 земји во светот. Македонските репрезентации стартуваа супериорно, со по две убедливи победи во првите две кола на шампионатот.
Машката селекција предводена од селекторот Горан Кузманоски славеше против Бугарија (33-18), а потоа и против Грузија (46-13), со сигурна и доминантна игра во двата натпревари.
Избраничките на селекторката Даниела Новеска Вељаноска, на стартот беа поуспешни од репрезентацијата на Белгија (34-12). Со вториот убедлив триумф против Грузија (45-13), македонските ракометарки веќе обезбедија пласман во четвртфиналето на Светското училишно првенство.
Министерот Ристовски изразил задоволство од прикажаната игра, енергија и тимски дух, истакнувајќи дека овие млади спортисти се вистински амбасадори на македонскиот спорт и и светла иднина на македонскиот ракомет.







