Лидерите на Европската унија денеска треба да се соберат на Кипар, на дводневни неформални разговори посветени на конфликтите во соседството на Унијата и на начинот за зголемување на буџетот на ЕУ во наредните години.
Консултациите ќе започнат во крајбрежниот град Авја Напа со работна вечера, на која ќе се разгледаат најитните геополитички предизвици за Европа.
Лидерите ќе дискутираат за последиците од конфликтот во Иран и на Блискиот Исток, вклучително и растот на цените на енергијата и стравувањата од можен недостиг на авионско гориво.
Во планираното обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски најверојатно ќе побара Унијата да изврши поголем притисок врз Русија и ќе ги повтори амбициите на Киев за членство во ЕУ.
На средбата предвидена за в петок во Никозија се очекува во фокусот на разговорите да се внатрешни прашања, меѓу кои и плановите за долгорочниот буџет на ЕУ за периодот 2028–2034 година.
Главниот предизвик е како да се финансираат амбициите на Унијата, како што се зајакнување на конкурентноста и подобрување на одбранбените капацитети, во услови кога многу земји-членки се соочуваат со финансиски проблеми по низа кризи.
По разговорите за европските прашања, попладнето лидерите ќе се сретнат со претставници од Египет, Јордан, Либан и Сирија со кои ќе разговараат за заедничките предизвици.








