Пезешкијан: Иран е отворен за дијалог и постигнување договор, кршењето на обврските е пречка

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран е отворен за дијалог и за постигнување договор и дека тоа останува негов став, но оти кршењето на преземените обврски, блокадите и заканите се главните пречки за вистински преговори.

– Светот ја гледа вашата бесконечна лицемерна реторика и контрадикцијата меѓу изјавите и делата – напиша Пезешкијан синоќа на Х, со порака дека постојат несогласувања меѓу прокламираните ставови и конкретните постапки.

Иран сè уште не зазел официјален став во врска со продолжувањето на периодот на примирје со САД, и покрај претходните медиумски наводи дека Иран се согласил на продолжување, пренесе агенцијата Тасним, повикувајќи се на неименувани извори.

Како што наведува иранската агенција, претходните наводи на медиумите кои му се припишуваат на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи не се точни. Се додава дека Иран е во процес на разгледување на различните аспекти на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп за продолжување на примирјето.


Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамед Багер Калибаф претходно вчера изјави дека примирјето би имало смисла единствено ако не го крши поморската блокада и „земањето на светската економија за заложник“.

Американските медиуми претходно јавија дека Трамп изразил подготвеност да го продолжи примирјето за три до пет дена.

Нова рунда преговори меѓу САД и Иран би можела да се одржи во Пакистан веќе в петок, објави претходно „Њујорк пост“, повикувајќи се на американскиот претседател Доналд Трамп и неименувани пакистански извори.