Белоруската тенисерка Арина Сабаленка коментираше за добивањето на наградата „Лауреус спортистка на годината“.
Церемонијата на доделување награди се одржа вчеравечер во Мадрид, Шпанија.
-Воау, спортистка на годината! Има толку многу неверојатни жени во спортот во моментов. Ова признание ми значи многу. Искрено, неверојатно е да го видам моето име покрај спортистките на кои се восхитував толку долго. Благодарам на „Лауреус“ за вашата поддршка, и на мојот тим и мојот партнер што секогаш беа тука. Не можев да го направам ова без вас – напиша Сабаленка на социјалните мрежи.
Првиот светски рекет ги победи фудбалерката Аитана Бонмати, атлетичарките Мелиса Џеферсон-Вуден, Фејт Кипиегон и Сидни Меклафлин-Леврон, како и пливачката Кејти Ледеки.
Во сезоната 2025, Сабаленка стана шампионка на Отвореното првенство на САД и освои турнири во Бризбејн, Мајами и Мадрид. (МИА)








