Синот на Ратко Младиќ: Мојот татко е на смртна постела

Дарко Младиќ, син на српскиот генерал Ратко Младиќ, вели дека неговиот татко умира во затворот во Хаг, дека лекарите му рекле да не јаде ниту да пие вода, но дека не добил јасен одговор на прашањето зошто не прима инфузија.

-Ситуацијата е многу лоша. Умира, рече Дарко Младиќ за ATV од Бања Лука.

Тој потсети дека докторката во Хаг некако потврдиладека неговиот татко умира.

-Не експлицитно, бидејќи не се изјаснуваат, се оградуваат, но на сите им е јасно дека тој умира таму и во таа смисла ги исполнил критериумите што судијата ги побара ова лето за да го ослободи, вели Младиќ.


Тој вели дека генералот утре ќе биде прегледан од српски лекари, а неговата мајка, сопругата на генералот, ќе дојде во Хаг во четврток.

-Вчера бев таму два часа. Не можеше повеќе да издржи. Денес ми дадоа еден час поради другите обврски што ги има во врска со лекувањето. Утре ќе дојдат лекарите од Белград да го прегледаат, јас ќе го посетам по нив, а во четврток и петок ќе биде мајка ми, бидејќи во петок е нивната 60-годишнина од бракот, рече Дарко Младиќ и додаде:

-Откако вчера ми беше кажано дека не може ниту да јаде ниту да пие вода како што треба, не добив јасен одговор на моето прашање зошто не прима инфузија. Се надевам дека лекарите ќе одговорат на тоа. Нашата цел во моментов е да го ослободиме, бидејќи ако не можеме да го спасиме, барем малку да му го продолжиме животот, а ќе видиме што ќе одлучи судијата. Ќе поднесеме формално барање по лекарските прегледи, бидејќи не сакавме да поднесеме барање без вештачење, но и врз основа на она што го добивме од Хаг, може да се види дека е во терминална фаза, рече Дарко Младиќ.