Ен Хатавеј и Мерил Стрип воодушевија во впечатливи црвени тоалети, додека Емили Блант носеше елегантна црна комбинација на Скијапарели (Schiaparelli), на светската премиера на „Ѓаволот носи Прада 2“ синоќа во Њујорк.
Холивудските ѕвезди, кои ќе ги репризираат своите улоги во долгоочекуваното продолжение на култниот класик од 2006 година, вчера повторно се обединија на црвениот тепих заедно со колегите, вклучувајќи го и наградуваниот актер Стенли Тучи.
Оскаровката Хатавеј стапна на црвениот тепих во свилен фустан на Луј Витон, во комбинација со соодветни потпетици на платформа. Актерката (43) во претстојниот филм ја игра Енди Сакс, поранешната асистентка на строгата уредничка Миранда Присли (Стрип), која сега е нова уредничка на рубриката за специјални теми во фиктивното списание „Runway“. Хатавеј го украси елегантниот аутфит со масивни, светкави златни нараквици и украсени висечки обетки. Нејзината комбинација со светла боја беше надоврзување на нејзината облека од премиерата на оригиналниот филм пред речиси 20 години, каде носеше едноставен долг црвен фустан со ниско деколте.
Наградуваната актерка Стрип ѝ се придружи на Хатавеј на црвениот тепих, воодушевувајќи ја толпата во црвена пелерина од Живанши, која ја надополни со црни ракавици, потпетици и очила за сонце.
Номинираната за Оскар Блант, која во филмот ја толкува поранешната асистентка во списанието Емили Чарлтон, носеше впечатлив, скулптурален бел фустан од Schiaparelli со смело, скалесто здолниште. Актерката (43) ја украси комбинацијата со бисерен ѓердан и нараквица, со залижана коса и впечатлива шминка со темноцрвен кармин. На Блант ѝ се придружи нејзиниот сопруг, актерот и режисер Џон Красински, кој носеше црн костум од кадифе.
Тучи, кој го игра уметничкиот директор на списанието Најџел Киплинг, слично носеше црно кадифено сако во комбинација со едноставна бела кошула, сива вратоврска и црни панталони.
Меѓу останатите присутни беше и американската поп ѕвезда Лејди Гага, која носеше црн фустан од Сен Лорен со широко здолниште. Глобалната уредничка на „Vogue“, Ана Винтур, за која се верува дека е инспирација за ликот на Стрип, исто така беше на овој настан исполнет со ѕвезди. Таа носеше фустан со дезен во светли бои и долго темносино палто, а ѝ се придружија нејзината ќерка, филмската продуцентка Би Шафер, и нејзината снаа Елизабет Кордри.
Германската ТВ ѕвезда Хајди Клум воодушеви во син, лежерен фустан до под, додека нејзината долга коса беше стилизирана во природни бранови. Музичарот Марк Ронсон се одлучи за едноставен изглед со целосно црн костум и соодветна кошула, а му се придружи американската актерка Грејс Гамер, која носеше бел текстуриран комбинезон.
Ѕвездата на „Bridgerton“, Симон Ешли, носеше зелен сатенски мини фустан од Прада, кој го надополни со сребрени затворени потпетици, едноставен накит и лесна шминка. Актерот Дилан Спраус беше фотографиран во класичен црн костум и бела кошула, заедно со неговата сопруга Барбара, која исто така носеше бела кошула во комбинација со тегет блејзер и црно здолниште со реси. (МИА)








