Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска оствари работна посета на Преспанскиот Регион, при што изврши увид во реализацијата на значајни капитални проекти во областа на културното наследство.
Посетата започна во селото Љубојно, каде што е во напредна фаза проектот за реконструкција и адаптација на старото училиште во мултимедијален центар за промоција на македонскиот јазик, инвестиција вредна 20 милиони денари, обезбедени од Министерството.
„Со конкретни инвестиции покажуваме дека грижата за културното наследство не е декларативна, туку реална и видлива. Љубојно добива нов современ центар кој ќе го афирмира македонскиот јазик и ќе донесе нов живот и развој за целиот регион“, рече Љутков
Потоа следуваше увид во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, едно од највредните културни богатства во државава, каде што во изминатата деценија се вложени околу 30 милиони денари за нејзина заштита, реставрација и конзервација.
„Курбиново е жив сведок на нашата богата историја и уметност – со посветена работа и континуирани вложувања успеваме да го зачуваме ова непроценливо богатство и да го доближиме до пошироката јавност. Инвестициите во Курбиново се јасен доказ за нашата долгорочна стратегија за зачувување на највредните културни добра и нивно позиционирање на мапата на светското културно наследство. Ова богатство ќе го вратиме во полн сјај и ќе го направиме целосно достапно за посетителите од земјава и од странство. Надминувањето на предизвиците околу поставувањето на заштитната натстрешница е наш приоритет, со цел дополнителна и трајна заштита на фасадното сликарство, а активностите во овој правец ќе продолжат со засилена динамика во наредниот период“, рече Љутков.
Посетата продолжи во Ресен каде што министерот изврши увид во Сарајот на Нијази-бег, каде што со средства од европските фондови се реализира реконструкција на покривот. Работната агенда беше заокружена со посета на Спомен-куќата на Татарчеви.
Со ова, Министерството за култура и туризам јасно ја демонстрира својата посветеност за зачувување и современа презентација на културното наследство, со што се создаваат нови можности за туризам и економски развој.








