МИА ОД БУГАРИЈА – РАДЕВ ИМА 45% И 134 МАНДАТИ?: „Ова е победа на надежта над недовербата, на слободата над стравот“

Лидерот на Прогресивна Бугарија Румен Радев првичните резултати соопштени од социолошките агенции за убедливата победа на изборите вечерва ги оцени како победа на надежта над недовербата.

– Гласавме активно, ја победивме апатијата, но недовербата кон бугарската политика се уште е голема и ни претстои многу работа. Ова е само првиот чекор кон воспоставувањето на довербата  и на општествениот договор.  Победата на Прогресивна Бугарија  е победа на надежта над недовербата, тоа е победа на слободата над стравот и победа на моралот,  рече Радев во изјава за медиумите пред седиштето на партијата.

Според него, гласачите го отфрлиле стариот политички модел, бидејќи, како што рече, „луѓето ја отфрлиле ароганцијата на старите партии и не подлегнале на лагите и манипулациите“.

Тој се заблагодари на довербата и поддршката од гласачите, како и на ЦИК и на МВР и сите вклучени институции за успешно спроведениот изборен ден.

Радев посебно се осврна на гласањето на Бугарите во странство,  кои, вели,  „чекаа во редови со часови и покажаа дека се грижат за Бугарија“.

Прашан за идните активности и судските реформи што ги најави во својата кампања, Радев изрази уверување дека по ова прашање имаат јасен концепт и програма.

– Имаме  сеопфатен и многу детален концепт, за демонтирање на тој олигархиски модел, рече Радев.


Одговарајќи на новинарско прашање, тој подвлече дека  Бугарија ќе остане на својот европски пат, но со попрагматичен пристап.

– Бугарија продолжува да го следи својот европски пат, но на Европа ѝ треба критичко размислување, прагматизам и реални резултати, бидејќи Европа стана жртва на својата амбиција да биде морален лидер во свет без правила, рече лидерот на ПБ.

Тој ја нагласи потребата од нова стратегија за безбедноста и економскиот развој на ЕУ.

– Европа мора да ја врати својата индустриска моќ и конкурентност. Без енергетски ресурси, не можеме да зборуваме за економска сила, така што очекувам од Европа да биде многу попрагматична во своето мислење и дејствување, рече Радев.

Во врска со пријавите за изборни прекршувања, тој одговори дека ќе реагира доколку за тоа има докази. – Доколку има луѓе од нашите листи кои учествувале во купување гласови, ќе преземеме категорични мерки – но со јасни докази, порача Радев..

Конечните политички одлуки најави дека ќе ги соопштат по објавување на официјалните резултати.

Инаку, според последните анализи на социолошката агенција  „Мерка“ од паралелното преборјување на 83 проценти од гласовите, ПБ на Радев има 45 проценти или 134 мандати, што е далеку пред  ПП-ДБ (12,4 отсто) и  ГЕРБ – СДС (12,3 отсто) кои имаат по 37 освоени мандати, ДПС-Нов почеток (6,5 отсто) имаат 19 мандати, а Преродба (4,3 отсто) или 13 мандати.