ОБНОВЕНИ ТЕРЕНИТЕ НА КЕЈОТ НА ВАРДАР: Кај Маџир Маало од денеска отворени игралиштата кои се уредени со нова опрема

Кејот на Вардар кај Маџир Маало доби нов, современ изглед и повторно се отвора како простор за спорт, рекреација и дружење на граѓаните.

Денеска официјално беа пуштени во употреба реконструираните спортски терени, при што се обновени игралиштата за фудбал и кошарка, поставена е нова урбана опрема, трибини и заштитна ограда. Проектот претставува дел од пошироката стратегија за уредување и ревитализација на кејот на Вардар, со цел создавање функционален и модерен јавен простор достапен за сите генерации.

-Кејот на Вардар во Маџир Маало доби нов лик! Денес, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, ги пуштивме во употреба обновените спортски терени на кејот на Вардар, на потегот кај Маџир Маало, место кое повторно се враќа на граѓаните како центар на рекреацијата, спортот и дружење. Кејот на Вардар е еден од моите клучни приоритети.
Уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење и уредување, со цел реката повторно да тече во своето природно, достоинствено корито, а просторот околу неа да стане вистинска урбана вредност, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.


Денес, овој дел од градот добива нова димензија – функционален, модерен и динамичен јавен простор, отворен за сите генерации.

Реконструирани се терените за фудбал и кошарка, поставена е нова урбана опрема, трибини и ограда.

-Инвестирањето во спортот значи инвестирање во иднината, во здрави млади генерации, во дисциплина, дух на победа и во силно општество. Искрена благодарност до министерот Борко Ристовски за поддршката и партнерскиот пристап. Ваквата соработка носи конкретни резултати и создава проекти со вистинска вредност за граѓаните. Ова, почитувани, е само почетокот. Преку рамномерен развој во сите општини создаваме еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее, вели Ѓорѓиевски.