Опрема за лична балистичка заштита (шлемови) и теренски чизми денеска доби македонската Армија како дел од процесот за нејзино опремување.
-Шлемовите се дизајнирани да понудат максимална балистичка заштита и овозможуваат компатибилност со дополнителна опрема за работа во ноќни услови. Новите шлемови се набавени во рамките на процесот за модернизација на Армијата. Новопримените чизми се изработени според највисоките стандарди и обезбедуваат максимална издржливост, заштита и удобност при извршување на задачи во различни теренски и климатски услови, објавија од Армијата.
Преку Министерството за одбрана во тек се многу постапки за набавка на опрема и муниција за македонската Армија. Станува збор за сериозни инвестиции во воена опрема и вооружување на АРМ.
Министерот Владо Мисајловски неодамна изјави дека и во наредните 10 години многу финансиски средства ќе се издвојуваат за одбраната.
Паралелно со тековните набавки за опремување на македонската војска, се реализираат и договорите кои Македонија ги има со повеќе земји за вооружување на Армијата.
Преку договорот и соработката со Соединетите Американски Држави, пред неполн месец, пристигнаа првите лесни оклопни возила „Страјкери“, а преку договорот со Франција македонската Армија ги очекува и мистралите. Хаубиците се веќе пристигнати, а најавено е и пристигнувањето на првиот хеликоптер „Леонардо“ од Италија.








