ЕХФ воведува ново натпреварување на ниво на репрезентации

Извршниот одбор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) одлучи денеска да воведе ново натпреварување на националните тимови – Европски ракометни игри – кое ќе стартува од 2030 година.

„Од 2030 година, осумте најдобри машки и женски репрезентации од Стариот континент ќе се натпреваруваат на Европските ракометни игри, а победниците ќе се квалификуваат за Олимписките игри“, објави ЕХФ.

Новото натпреварување ќе се одржува на секои четири години во септември.


Европските првенства во ракомет за мажи и жени ќе останат непроменети и ќе продолжат да се одржуваат на секои две години.

Деталите за новото натпреварување ќе бидат разработени во декември на состанокот на Извршниот одбор на ЕХФ.