Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили призна дека неколку години примал нелегален приход, изјави денеска првиот човек на грузиската антикорупциска агенција, Емзар Гагниѕе, цитиран од француските медиуми.
Грузиските власти во текот на минатата недела извршија серија претреси во домовите на поранешни високи владини функционери, вклучувајќи го и Гарибашвили, во потег што би можел да најави потреси во владејачката елита во земјата.
Гагниѕе денеска пред новинарите изјави дека Гарибашвили „целосно соработува“ со истражителите, признавајќи дека „примал нелегален приход со години“.
Истражителите соопштија дека заплениле милиони долари во готово за време на претресите во домовите на луѓето кои долго време биле поврзани со владејачката партија Грузиски сон и тајните служби на Грузија.
Гарибашвили (43) беше премиер на Грузија од 2021 година до неговата оставка во 2024 година, а претходно помеѓу 2013 и 2015 година.
Тој се сметаше за десна рака на моќниот грузиски олигарх и лидер на владејачката партија Бидзина Иванишвили, чија фондација, банка и музичка компанија некогаш ја водеше.
Набљудувачите велат дека истрагите би можеле да бидат одраз на внатрешните борби во рамките на политичката елита, чии членови се предмет на западни санкции.
Грузија, поранешна советска република што граничи со Русија, е зафатена од политичка криза откако партијата „Грузиски сон“ прогласи победа на парламентарните избори во октомври 2024 година, оспорени од проевропската опозиција, која ја обвинува за измама и за обид за оддалечување на земјата од Европската Унија.
Властите ги задушија протестите со брутална репресија и масовни апсења на демонстрантите и опозициските личности, што доведе до санкции од страна на западните земји против неколку грузиски лидери, потсетуваат француските медиуми.