Пакистан и Авганистан постигнаа договор за воспоставување привремен прекин на огнот во траење од 48 часа, почнувајќи од денес во 18 часот по локално време во Пакистан, објави Исламабад, откако избувна нов конфликт меѓу соседите.
Двете земји ќе вложат искрени напори, преку дијалог, да најдат позитивно решение за комплексното, но решливо прашање, објави пакистанското Министерство за надворешни работи, пренесуваат британските медиуми.
Портпаролот на авганистанската администрација изјави дека на барање на пакистанската страна, прекинот на огнот меѓу двете земји ќе стапи на сила по 17:30 часот.
Оттаму наведоа дека Авганистан им наредил на своите сили да го почитуваат прекинот на огнот, под услов другата страна да не изврши агресија.
Во борбите по должината на границата меѓу Пакистан и Авганистан утрово загинаа 23 пакистански војници, додека авганистанската страна соопшти дека убила 58 пакистански војници како одмазда за она што го нарече повторени нарушувања на авганистанската територија и воздушен простор.
Авганистанските сили зазедоа воени позиции и запленија оружје, вклучително и тенкови, според портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид, додека Пакистан соопшти дека ги одбил нападите на талибанците и Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), нанесувајќи им големи загуби на противничките сили.
Повеќе од 10 цивили беа убиени, а повеќе од 100 ранети кога минофрлачки гранати паднаа во близина на пакистански села, а семејствата беа принудени да се евакуираат.
Пакистан ја обвинува владата на талибанците во Кабул дека им дава засолниште на ТТП, кои извршија бројни напади во Пакистан, тврдење што Кабул го негира.