Димитриеска-Кочоска на средба со претставници на Трезорот на САД: Продлабочување на соработката за поголема транспарентност и ефикасност во управувањето со јавните средства

Во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Вашингтон оствари средба со претставници на Трезорот на САД (U.S. Department of the Treasury), Канцеларија за техничка помош (Office of Technical Assistance – OTA).

Средбата била посветена на разгледување на досегашната соработка и дефинирање на идните приоритети во областа на јавните финансии, буџетот, даноците, јавниот долг и финансискиот систем.

На средбата било истакнато дека соработката со Трезорот на САД претставува клучен елемент во процесот на модернизација на системот за управување со јавните финансии во земјава.

– Преку проектите реализирани во изминатиот период, обезбедена е стручна поддршка во повеќе сегменти – од унапредување на буџетското планирање и воспоставување на програмско буџетирање, фискална отчетност и подобра транспарентност во користењето на јавните средства. Во областа на даночната и царинската политика, разговорите се фокусираа на продолжување на техничката поддршка за модернизација на Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање и Царинската управа, информираат од Министерството за финансии.


Акцент бил ставен на подобрување на управувањето со ризици, воведувањето на напредни системи за анализа и контрола, како и подигнување на нивото на интегритет и борба против корупцијата. Посебно внимание бло посветено и на тековната соработка во областа на управувањето со јавниот долг која има за цел да придонесе кон понатамошен развој на домашниот пазар на капитал и проширување на базата на инвеститори.

Министерката Димитриеска-Кочоска нагласила дека стратешкото партнерство со Трезорот на САД претставува значаен поттик за унапредување на јавните финансии и институционалните капацитети во земјата.

-Техничката поддршка која ја добиваме од Трезорот на САД е од суштинско значење за нашите напори да изградиме модерен, транспарентен и одржлив систем на јавни финансии. Оваа соработка ни овозможува да воведеме високи стандарди во фискалната политика, да ја зголемиме ефикасноста во буџетското планирање и извршување и да ја зајакнеме довербата на граѓаните и инвеститорите во јавните институции, истакнала министерката.

Посочила дека Министерството за финансии останува посветено на спроведување на реформите во јавниот финансиски систем, во тесна координација со меѓународните партнери, со цел креирање на стабилна и одговорна фискална рамка која ќе обезбеди долгорочна предвидливост и економски раст.