Целосно стоиме зад Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Може да сметате на нас, напиша на социјалната мрежа „Х“ претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по средбата во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
-Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвенам напиша кусо Фон дер Лајен.
Претходно, како што соопшти владината прес-служба, премиерот Мицкоски на средбата со Фон дер Лајен, истакнал дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности.
We remain fully behind North Macedonia on its EU path.
You can count on us.
The next and only step before the opening of the negotiations is clear.
You need to make the agreed constitutional change.
The ball is in your court. The EU is ready. pic.twitter.com/s890meaZLP
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 15, 2025
На средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација. Премиерот Мицкоски ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди.
-Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата, стои во соопштението на владината прес-служба.
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен завчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки денеска допатува во Скопје. За време на престојот во Скопје Фон дер Лајен оствари средби и со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.