👁️  530

Велосипедист кој возел на кејот на Вардар во Скопје денеска во вистинска драма успеал да спречи 65-годишна жена да се самозапали, објави МКД.мк. 26-годишниот скопјанец со херојско име и презиме – Христијан Тодоровски, минувал под мостот кај МАНУ и без никакво размислување се фрлил по жената која во едната рака имала шише со бензин, а во другата запалка.

Жената давала отпор, а и двајцата завршиле во реката.

Христијан во изјавата за МКД.мк вели дека инцидентот се случил околу 13:30 часот, кога возејќи со велосипедот, забележал педесетина полицајци распоредени на погорното ниво од кејот. Веднаш потоа, ја видел повозрасната жена, која држела шише во рацете. Еден од полицајците му викнал да побрза и да се обиде да ја спречи жената, раскажува тој.

„Го фрлив точакот и се стрчав кон неа. Таа даваше отпор, се обидуваше да го отвори шишето со бензин и да ја употреби запалката. Некако успеав да ѝ го земам шишето кое веднаш го фрлив во реката, но заедно завршивме во Вардар. Ја задржав до мене, а потоа дојде еден полицаец и неколкумина цивили кои ни помогнаа да излеземе од реката. Таа цело време викаше да ја пуштам, да ја оставам, беше многу вознемирена, плачеше… Потоа заминав“, ни изјави Тодоровски.

„Браво! Секоја ти чест дечко“, ми рече еден полицаец, вели момчето.

Со возило на Брза помош, жената веднаш била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“.