Зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај, ја основал фирмата „К.С.А. Интернешнл“ во јануари 2022 година и истата година веднаш остварил завидни резултати. Како фирмата на зетот за ќерка на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, успеала да направи приход од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони во првата година од работењето. Ова во вечерашното интервју со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го посочи новинарот Васко Попетрески во 360 степени. До скоро, бизнис-партнер во таа компанија му бил Ерџан Сулкоски. Истиот Сулкоски, освен во фирмата на зетот на Ахмети, во 2022 станал косопоственик и на компанијата РКЕ на Ратко Капушевски, која го доби историски најголемиот тендер за набавка на мазут за државни потреби чија вредност беше околу 120 милиони евра.
Како фирмата на зетот за ќерка на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, успеала да има така добар старт, запраша Попетрески, а одговорот на Ахмети покажа дека е тој е свесен дека зетот води бизнис, но се огради од конкретни податоци.
„Јас не ги знам конкретните податоци… Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин, изјави Али Ахмети за „360 степени“.
На забелешката на новинарот дека, сепак, мора да се согласи оти 12 милиони евра приход и 2,5 милиони евра профит се многу за прва година (нецела 2022 г.) на постоење на една фирма во Македонија, Ахмети одговори дека фирмата не била само на зетот.
„Мислам дека се повеќе компании, не е целата компанија на Куштрим. И за повеќе детали може да истражувате…“изјави Ахмети.,
Проверка на податоците од Централниот регистар покажува дека зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, во моментов е единствен сопственик на компанијата „К.С.А. Интернешнл“. Имал еден партнер кога ја основал фирмата во јануари 2022 година – Ерџан Сулкоски, но тој од пред еден месец не е косопственик на „К.С.А. Интернешнл“.