👁️  19

Украинскиот претседател Володимир Зеленски стави вето на парламентарниот закон со кој беше предвидено уште една година да не се објавуваат имотните картички на функционерите.

Парламентот минатата недела гласаше за враќање на правилата за објавување на имотните картички кои беа суспендирани по почетокот на руската инвазија во 2022 година како мерка на претпазливост, но изјавите за имотната состојба на функционерите да не се објавуваат уште една година.

– Причината (за ветото) е јасна: декларациите мора да бидат целосно објавени. Токму сега. Не за една година. Регистарот мора веднаш да се отвори, рече Зеленски во објава на Телеграм

– Тој клучен амандман мора да биде усвоен пред повторно да се донесе законот. Брзо, додаде тој.

Пратеникот Јарослав Железњак на Телеграм напиша дека Парламентот повторно ќе гласа за законот на 20 септември.

Јавната петиција со која се бара Зеленски да стави вето на изменетата мерка брзо собра десетици илјади потписи, многу повеќе од потребните 25.000 потписи. Активистите за борба против корупцијата и пратениците од опозицијата, меѓу другото, веруваат дека предлог-законот во неговата сегашна форма ја поништува основната цел на мерката да се повикаат функционерите на одговорност.

Меѓународниот монетарен фонд го издвои враќањето на задолжителните јавни имотни картички како еден од неколкуте одредници за исплата на дел од пакетот помош од 15,6 милијарди долари на ММФ. Борбата против корупцијата е и услов за членство на Украина во Европската унија, а Украина ја прогласи за приоритет заедно борбата против руската инвазија.