👁️  5

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска нагласи дека неговата посета на седиштето на НАТО ќе биде „клучна“ за да се осигура дека Украина е заштитена оваа зима, бидејќи земјата се подготвува за интензивирани руски напади.

Зеленски, кој е во својата прва посета на седиштето на НАТО во Брисел од почетокот на руската инвазија, на X, поранешен Твитер, објави дека посетата „ќе биде клучна за нашиот отпор оваа зима“.

Украинскиот претседател, кој пристигна на средба со министрите за одбрана од земјите на НАТО во Брисел, побара од сојузниците да обезбедат ракети со долг дострел. Тој прецизираше дека тоа е неопходно за да се потиснат руските сили кои ја нападнаа неговата земја пред повеќе од една година.

„Потребни ни се конкретни работи – освен проектили, потребни ни се и системи за противвоздушна одбрана и муниција“, истакна украинскиот лидер.

Според него, Украина е речиси подготвена да ги започне преговорите за влез во ЕУ.

Зеленски повика да се најде начин да се искористи запленетиот руски имот за обнова на неговата земја.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг додаде дека на нивниот дводневен состанок министрите за одбрана ќе разговараат за идниот пристап на Украина во Алијансата и за обезбедување дополнителна поддршка за Киев.

Според него, во разговорите ќе биде опфатена и борбата против ИД во Ирак, тензиите во Косово и оштетувањето на гасоводот и комуникацискиот кабел во Балтичкото Море меѓу Финска и Естонија.

Столтенберг рече дека доколку се открие намерен напад врз инфраструктурата на земја на НАТО, одговорот ќе биде обединет и решителен.