👁️  82

За разлика од комотниот свет во кој доминираше либерализмот, тој луксуз веќе го нема. Стравот кај нас е во тоа што рамката во која треба да се решава балканскиот котел е непредвидлива и нејасна. Со ендемиската корупција, цутот на клиентелизмот преку партиската послушност и псевдолибералните елити, вкотвени во ултралибералната сенка на европската „стабилитократија“, која дома по потреба станува ултрадесна и, секако, провинцискиот примитивизам на глумење регионален хегемон во билатерални спорови, регионот има сериозен егзистенцијален проблем што го дава збирот на сите хорори

Збир на сите хорори е инспирација од бестселерот на Том Кленси, „Сума на сите стравови“ од 1991 година, кој доби и своја холивудска верзија, ако не се лажам некаде на почетокот на 2000-тите. Инспирацијата дојде по два директно посветени натписи за опасноста од подвојување кај западните партнери во ставот за тоа како понатаму со Украина. Дебатата на темата не е да се шират паника и страв, туку само да останеме автентични, како и за многу нешта, посебно во контекст на Украина, со цел да се поттикне размислување во дадениот контекст. Последното е дотолку повеќе интересно бидејќи сметав дека треба да се тргнеме некое време од конфликтот за Украина и да посветиме внимание на многу битни теми, кои во предметот на наш интерес бодат очи и создаваат морници во поглед на безбедноста и иднината на човештвото. Но за тоа од наредниот број.

Низа писанија, почнувајќи од саботата, го сумираа она што овде на овој форум како хипотеза (дури и рековме дека е теорија на заговор) го дебатиравме. Најпрвин, „Нешнл интерест“, потоа и „Брукинг“ – две угледни институции, иако има и други во периодот по нашите писанија, алармираа за проблемот. „Ролинг стоунс“, пак, познат по храброста на новинарите што се вградени во единиците на првите линии, ја забетонира претпоставката (ќе се навратиме подоцна) за оперативната разлика во перцепцијата на успех на теренот известувајќи за погубни сценарија, или едноставно за хоророт во источна Украина. Накратко да сумираме, драги мои, периодот што претстои пред нас е полн со негативни импликации што војната во Украина ќе ги генерира. Тие не само што се генерално опасни и проблематични туку може да имаат сериозни импликации и по нас. Ако тоа некому му користи, повторно, не за да се паничи или да се предизвикува страв, туку да се има како перспектива, тогаш, тоа е супер.

Поради просторот ќе се осврнеме само на дел од тие хорори што наѕираат од конфликтот во Укриана како последица, а се клучни за рамката во која се решаваат конфликтите и споровите низ светот. Во саботата, „Нешнл интерест“ (оригинално National Interest) објави интересна перспектива од Гилберт Доктроу и од Николаи Петроу, во која тие даваат свој осврт за тоа како да се воспостави одржлив мир во Украинa. Важноста на ваквите писанија извира од стравот што такви кројачи на судбина во минатото на регионот му се мошне познати. Полошото е што таквите (out of the region-надвор од регионот) совети се практични, ама не за оние на кои се наменети туку за оние што ги проповедаат. Уште повеќе тие се страшни бидејќи кога ќе воспостават принцип на кој ќе се навикнете и, нели, ќе профункционирате неретко знаат да бидат напуштени од нивните наследници, па кога ќе им посочите дека предлогот или прагматизмот на решавање на проблемите го барате во име на праксата од „тој и тој“ (нивен, нели) предлагач, „шизиците“ со кои преговарате или разговарате ќе ви речат тие се минато – оти, нели, прагматизмот е од денес за утре.

Тука, пред да појаснам за што станува збор, се битни две работи за помалите како нас во случајот за Украина – иако во споредба со сите нас на Балканот не се толку мали – да не се лажеме. Прво, какви било илузии дека ќе можете со сила или со пркос да решавате некои спорови или ситуации во таквите односи мора да се заборават. Ова како совет на сите оние што сега ја имитираат Мирка Велиновска, иако ја исмеваа да бидам искрен, а беседат за односите кон Унијата (иако само препрочитајте – друго пееле некаде 2009-2020 – сѐ стои на интернет). Второ, забелешката не е да се обвини некоја страна, туку само да се расветли вистината дека во меѓународните односи кога нештата ќе станат жешки прагматичноста е повеќе од потребна за големото добро – ова е без трошка иронија. Е сега, тоа што прагматичноста, драги мои, колку е поопшта е поопасна за малите е друга работа. Со други зборови, за да биде појасно, ќе се обидеме да бидеме попрактични. Така, на пример, два см во однос на дваесет см имаат една перспектива, а во однос на дваесет метри друга перспектива. Во пракса, пак, од минатото, како што ми кажа еден колега од Босна, воопштувањето на дваесетте сантиметри со метрите е исто толку лошо кога на пример, ќе воопштите етнички малцинства, кои (припадноста ја бркаат) преку сецесија со расните малцинства, кои припадноста ја бркаат преку борба за фер третман во системот. Уф, за да не „забегаме“ од темата, ова објаснување сметав дека е релевантно за да ја разберете опасноста од она што се наѕира од Украина за Украинците. Тоа е особено битно и за будење од неолибералниот сон, според кој, проблемите што му пркосат на либерализмот ќе се решат со поголем либерализам, посебно кога геополитички имате противник што не е на ранг на деведесеттите. Во најмала рака сето она што досега го објаснивме е проблематично кај предлогот на статијата за која имавме толкава увертира.

Да сумирам, според статијата, оправдано е Украинците да се помират со компромис во корист на Русија, оти одржлив мир тука без тоа нема да има. Уште повеќе тие сметаат дека целиот пристап бил утнат кон Русија бидејќи во сите предлози за решавање на конфликтот и преоѓање на мирно решавање на спорот, руските малцинства и ставовите на Русија не биле земени предвид. Исто така не било земена предвид и подвоеноста внатре во Украина (за ова немој да кажете дека не зборувавме особено на почетокот во контекст на корупцијата и недовербата во водството). Сето тоа е „океј“, само едно е прашање за ова, а тоа е кој ќе ја плати цената за „утката“ од почеток? Нешто полабав пристап има статијата на „Брукинг“, која излезе ден два подоцна, но во која е интересно што се фрла светло на внатрешната динамика и поделеноста во САД, во поглед на прашањето за Украина. Според ова гледиште, но и некои сѐ погласни други гледишта во центарот на слободниот свет, таму на „ридот“, Москва исто така игра на карта на смена на доминација на дресовите во САД, што значително, според Москва и овие ставови, ќе ја смени сликата во пракса. Уште повеќе, би рекле, победа на тврдото крило на републиканците и евентуално Трамп на пример на изборите во САД, може да се одрази на брзо пазарење со Русија и затворање на овој проблем, по што, според перцепцијата кај овие кругови, за САД вистински проблемот е на Исток. Како дополнителен аргумент, статијата на „Брукинг“ наведува еден многу битен сегмент на што цело време овде во овој форум упатуваме, дека тоа што Западот смета дека е руска перспектива и вистинската руска перспектива за војната се две различни работи (поддршката на Путин дома е поголема од тоа што се мисли, а од неформални извори по еминентни форуми дури и руската опозиција на свој начин смета дека Украина е проблем за Русија).

А пропо овие видувања се хорорите на терен, каде што, според сторијата на „Ролинг стоунс“, Русите прават масакр на теренот и педа по педа (баш како што зборувавме) стигаат до речиси 20 проценти окупирана територија на исток (неодамна јавно изнесен став на Зеленски). Другите последици од мозаикот на она што секој што разбира го смрзнува, а за кои немавме време да продискутираме, се однесуваат на економската катаклизма што е зад аголот. Хоророт за нас, драги мои, е во тоа што новата рамката што треба да ги менаџира „бркотниците“ кај нас е сменета пред да се смени или оформи, сеедно, новиот светски поредок докрај. За разлика од комотниот свет во кој доминираше либерализмот, тој луксуз веќе го нема. Стравот кај нас е во тоа што рамката во која треба да се решава балканскиот котел е непредвидлива и нејасна. Со ендемиската корупција, цутот на клиентелизмот преку партиската послушност и псевдолибералните елити вкотвени во ултралибералната сенка на европската „стабилитократија“, која дома по потреба станува ултрадесна и, секако, провинцискиот примитивизам на глумење регионален хегемон во билатерални спорови, регионот има сериозен егзистенцијален проблем што го дава збирот на сите хорори.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор
на Државниот универзитет во Аризона, САД)