👁️  12

Денеска на барање на Јавното обвинителство Кривичниот суд донесе решение за запирање на постапката што СЈО ја покрена против поранешните членови на Комисијата за лустрација, која во 2012 донесе решение дека судијата Драган Билески од Кичево бил соработник на тајните служби. Членови на поранешната комисија за лустрација опфатени со овој предмет на СЈО се Томе Аџиев, Јанаќе Витаноски, Проф. Новица Вељаноски, Вецко Здравески, Проф. Ѓорѓи Малкоски, Шпенди Винца, Благоја Гешовски, поетот Даут Даути и новинарот Агим Мехмети. Дел од овој случај беше и пратеникот Антонио Милошоски кој од СЈО се товареше дека ја поттикнал комисијата да го отвори овој предмет, иако формалното барање за лустрација го поднел Живко Туфекџиев, кој пред судот сведочел дека како студент бил кодошен за македонски национализам во МВР од поранешниот судијата Билески.

Со Обвинителниот предлог на СЈО членовите на комисијата за лустрација се товареа дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба од член 353 став 2. Но, после последните измени на КЗ кои владеачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ ги усвои со европско знаменце, јавниот обвинител пред судот изјавил дека овој предмет се смета за застарен. Фатиме Фетаи беше првата обвинителка на СЈО која го почна предметот, потоа го превзеде обвинителот Гаврил Бубевски, а денес застапник на ЈО е Даниел Коцев. Трошоците за досегашните рочишта за овој предмет за лустрацијата, кои почнаа во ноември 2020 година, после решението за застарување ќе паднат на товар на судскиот буџет.