Извештајот за тековните законодавни дискусии за реформите на законодавството на ЕУ за азил, како и надворешната димензија на миграцијата од аспект на соработката со европските партнери за управување со миграциските притисоци, ќе бидат главни теми на денешниот министерски состанок на Советот за правда и внатрешни работи на Унијата.
Како што соопшти Европскиот совет, министрите за правда и за внатрешни работи на земјите членки на состанокот ќе расправаат и за импликациите од руската агресија на Украина врз внатрешната безбедност на Унијата, а тема на работниот ручек ќе бидат безбедносните аспекти на соработката на ЕУ со земјите од Латинска Америка.
На работниот ручек ќе присуствуваат и 14 министри од државите членки на Латиноамериканскиот комитет за внатрешна безбедност (ЦЛАСИ), кои со нивните европски колеги ќе разговараат за зајакнување на оперативната соработка меѓу ЕУ и Латинска Америка во борбата против илегалната трговијата со дрога и транснационалниот организиран криминал.
Во рамки на расправата за последиците од руската агресија врз Украина, европските министри за правда и за внатрешни работи ќе дискутираат и за продолжување на механизмот за привремената заштита на Украинците кои избегаа во земјите од ЕУ по почетокот на војната.
Овој механизам, што беше активиран на 4 март 2022 година, им овозможува на бегалците од Украина да уживаат права за престој и социјална и здравствена заштита во членките на ЕУ. Првично механизмот беше со важност од една година, но потоа беше продолжен во два наврати до 4 март 2024 година. Сега Европската комисија предлага продолжување на неговата важност за уште 12 месеци, до 4 март 2025 година.