👁️  628

Затемнувањето на Сонцето е астрономска појава што се случува кога Месечината на нејзиното движење ќе се најде меѓу Земјата и Сонцето и делумно или целосно го покрива сончевиот диск. Во минатото луѓето честопати се плашеле од овој феномен.

Пред науката да објасни како тоа се случува, за древните народи помрачувањето на Сонцето било настан на кој му се припишувале митолошки и религиозни својства и честопати пророчки се толкувало како показател за лошото што доаѓа. Во Древна Кина, на пр. се сметало дека тоа се случува „кога небесен змеј го напаѓа и го проголтува Сонцето“. Кинеските записи за затемнување се едни од најстарите во светот, кои датираат пред повеќе од 4.000 години – барем еден од нив, едноставно, вели „Сонцето е изедено“.

За „да го исплашат змејот“ и спасат Сонцето, луѓето имале посебен обред со удирање тапани и испуштање силни звуци при затемнувањето. Бидејќи Сонцето секогаш се враќало по оваа врева, лесно е да се увиди како оваа народна традиција опстојувала.

А, една легенда вели дека двајца кинески астролози – Хси и Хо, биле погубени затоа што не успеале да предвидат затемнување. Историчарите и астрономите денес веруваат дека тоа се случило на 22 октомври 2134 г. п.н.е., што би значело дека тоа е најстарото забележано помрачување на Сонцето во историјата на човештвото.

Кинезите и Вавилонците можеле и да предвидат кога ќе се случи затемнување на Сонцето и пред дури 4.500 години (околу 2.500 г. п.н.е.). Се верувало дека помрачувањето на Сонцето е поврзано и со здравјето на владетелот, па и за тоа имало верски обреди.

Вавилонците, за да го заштитат владетелот од затемнувањето, за време на неговото траење, назначиле „заменски крал“ кој седнал на престолот облечен како владетел.

Инките во Јужна Америка го обожувале Инти – бог на Сонцето. Тие верувале дека Инти е добронамерен, но затемнувањето на Сонцето се сметало за знак на неговиот гнев и незадоволство.

По затемнувањето, духовните водачи се обидувале да го откријат изворот на неговиот гнев и да одредат какви жртви треба да се направат. Иако Инките ретко принесувале човечки жртви, се мислело дека помрачувањето е доволно сериозна причина за да се направи тоа. Постот бил исто така вообичаен, а царот честопати се повлекувал од јавните должности за време и по затемнувањето.

И за Старите Грци, затемнувањето на Сонцето било знак дека боговите се незадоволни и предзнак за катастрофа и уништување, а често се сметало и за лош знак за владетелот. Сепак, и грчките филозофи и научници можеле да предвидат кога ќе се случи затемнување, па и да дадат научни објаснувања. Така, Хипарх успеал, благодарение на затемнувањето на Сонцето, да го одреди растојанието меѓу Месечината и Земјата до 429.000 километри, што е само 11 отсто пропуст во споредба со современите мерења.

Според историчарот Херодот, благодарение на затемнувањето на Сонцето во 585 г. п.н.е., Лидија и Медија ја прекинале војната меѓу себе, бидејќи помрачувањето било знак дека „е време да се постигне мир“. Ова затемнување го предвидел познатиот математичар Талес.

Сараевскиот хроничар Мула Мустафа Башескија ги запишал затемнувањата на Сонцето што се случиле во 1791 и 1793 година. Тој вели:

„Зад Касум падна снег првиот ден на месецот сафер, па се случи затемнување на Сонцето, што според Мелхем ќе значело дека ќе врне силен дожд, што и случило. Врнело долго време“, пишува Башескија за затемнувањето на Сонцето од 1791 година.

Што се однесува до денешното затемнување на Сонцето, кое ќе биде видливо од нашето подрачје, во Скопје тоа ќе почне во 11 часот и 27 минути, максимумот ќе го достигне во 12 часот и 34 минути и ќе трае до 13 часот и 42 минути.