👁️  5

Царинската управа заплени 184 обврзници со вкупна вредност од 92 милиона долари. Како што соопшти денеска директорот на Управата Стефан Богоев, обврзниците се пронајдени кај турски државјанин кој пристигнал во земјава со лет од Истанбул.

Обврзниците се наоѓале во црна рачна торба, а биле детектирани при контрола со скенер и дополнителна детална контрола.

Со одлука на Основниот суд – Скопје обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

-Царинските службеници од царинската испостава „Аеродром“ – Скопје на 28 јули 2023 година на влез во државата запленија 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари или со вкупна вредност од 92 милиона долари. Обврзниците се пронајдени кај патник, турски државјанин, кој пристигнал со редовен лет од Истанбул и се определил да помине на „зелен канал“, како да нема стока за пријавување. Но, при контрола со скенер и дополнителна детална контрола обврзниците се пронајдени во четири папки во црна рачна торба. Секторот за контрола и истраги веднаш почна со истражни дејствија, односно извршени се службени разговори, прибирање на дополнителни докази, како и известувања и консултации со релевантни национални и меѓународни институции, вклучително Интерпол и Селек, информира Богоев на прес-конференција.

Согласно одредбите од Законот за царинска управа и Законот за прекршоци, Царинската управа, информира директорот, поднела соодветна пријава до надлежниот суд.

-По завршената судска постапка, денеска, Основниот суд Скопје донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна – глоба врз основа на Законот за девизно работење. Обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Истрагата од страна на Царинската управа продолжува со отворање финансиска истрага во соработка со сите релевантни тела и институции на национално и меѓународно ниво со цел расветлување на случајот во насока на докажување на евентуален обид за измама или спречување на перење пари. На овој случај пристапуваме со особено внимание и посветеност, земајќи го предвид постоечкиот тренд во светот на злоупотреба на обврзниците како инструмент за перење на пари, рече Богоев.

Тој дополни и дека Царинската управа останува цврсто посветена на борбата против криминалот и спречувањето на нелегалната трговија.