👁️  12

Се отвора едно многу сериозно прашање: Зошто ние како држава, како здравствен систем се ослонивме на модуларните болници? Ние имаме одредени капацитети по инфективните одделенија, по интернистичките одделенија, каде што можевме да хоспитализираме вакви пациенти на кои им е потребна интензивна медицинска нега, истакна доктор Андон Чибишев во септември 2021-ва година.

Во тоа време власта предводена од Зоран Заев и министерството за здравство на чие чело беше Венко Филипче не ги почитуваа советите од стручни лица во фелата, па така ниту оваа изјава на докторот не ја зедоа предвид.

„Сметам дека модуларните болници не се капацитети во кои може да се пружа интензивна медицинска нега. И требаше од почетокот на пандемијата од февруари-март 2020-та до денес, имаме 4 брана, меѓу брановите кога имавме одредено смирување на епидемиолошката ситуација, требаше да мислат надлежните како да се зголемат инфраструктурно капацитетите. Како да се зголеми стручниот кадар затоа што ние немавме ни доволно инфектолози, ниту луѓе кои се оспособени да третираат такви тешки пациенти, поставени на респираторна машина, рече тогаш Чибишев.

Во тоа време кога Македонија секој ден броеше жртви, се случи и една од најголемите трагедии во понова историја.

Во пожар во модуларната болница во Тетово до смрт изгореа 14 лица. Тој кобен 8-ми септември во 2021-вата година, од болка занеме цела Македонија. Речиси две години подоцна, политичарите кои во тоа време ги носеа одлуките, молчат како да го заборавиле случајот.

Одговорност не понесе никој. Дали овој ужас беше лекција за посовесни одлуки кога станува збор за човечки живот? Најверојатно не.

Стручните лица во здравството имаа што да кажат, но немаше кој да ги чуе. Кога Чибишев даваше стручни проценки беше напаѓан дека шири паника. А за паника имаше место и тогаш, а има и денес.

КУРИР побара одговор од Минитерството за здравство дали уште низ Македонија се во функција модуларни болници, но од таму до објавување на овој текст не добивме одговор.