За да ја основа ZARA, побарал кредит во износ од 30 евра, а првото нешто што го креирал била евтина копија на дизајнерски пењоар. Денес има богатство од над 63 милијарди долари, а недоамна го наследи ќерката која ја добил во афера со вработена – Факти за Амансио Ортега…

Основачот на модниот бренд ZARA, Амансио Ортега (86) важи за еден од најбогатите луѓе во светот кој е познат по тоа што многу ретко се појавува во јавност. Со богатство од 63.3 милијарди долари, тој се наоѓа на 17-тото место на листата на милијардери на Forbes.

Познатиот бренд ZARA е меѓу омилените во целиот свет, а во нивни модели досега многупати се појавила Кејт Мидлтон, но и кралицата Летиција од Шпанија.

Како нејзиниот основач, како човек со оскудно образование и скромни почетоци успеа да го креира светски најпознатиот моден бренд?

Што знаеме за скромниот Амансио кој успеа да го креира светски познатиот бренд ZARA?

Амансио Ортега Гаона е роден само неколку месеци пред избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, во март 1936-та година. Татко му работел во железница, а мајка му била собарка, па така Амансио морал да се откаже од образованието на возраст од само 13 години и да почне да заработува за да им помогне на родителите.

На 14 години Амансио нашол вработување во текстилната индустрија. Работел како доставувач во продавница за машки кошули, но и како кројач во кројачницата La Maja – што од најмала возраст му помогнало да се запознае со трошоците за изработка и достава на облека.

Уште додека работел во кројачницата La Maja (каде доаѓала само богата клиентела), Амансио добил идеја да креира облека изработена од поевтини материјали, што ќе се продава по разумна цена. Така кариерата ја започнал откако заедно со една од продавачките во кројачницата, Розалија Мера (која подоцна ќе му стане и сопруга) креирале поевтина верзија на пењоарот што се продавал во La Maja.

За да го започне својот бизнис, Амансио побарал кредит од банка во износ од 2.000 песети или околу 30 евра. Кога го започнал бизнисот, главен советник му бил Хозе Марија Костелано кој работел во IBM и го советувал да почне да користи компјутери 20 години пред тоа да почне да го прави неговата конкурениција и да не се фокусира само на еден вид облека.

Првиот бутик Амансио го отворил во 1975-та година во Ла Коруња. Прво сакал брендот да се вика Zorba според главниот лик, во неговиот омилен филм, „Гркот Зорба“, но не добил дозвола. По ова одлучил да се вика ZARA, според хрватскиот град Задар, каде што биле на меден месец со неговата сопруга.


Амансио и Розалија биле бизнис партнери и останале во брак сè до 1986-та година. Тие заедно ќе добијат две деца: ќерката Сандра (54) и синот Маркос кој страда од церебрална парализа.

Додека бил во брак со Розалија, Амансио започнал афера со Флора Перез, која била 16 години помлада од него. Заедно со Флора, во 1984-та година ќе ја добијат ќерката Марта, која од декември минатата година, застана на чело на ZARA.

Интересно е тоа што Амансио ќе стапи во брак со Флора, но во 2001-ва година, дури откако Марта наполнила 15 години. Марта уште на 14 години почнала да работи како продавачка во бутикот на ZARA со цел уште од најмали нозе да се запознае со тајните на занаетот, а никој не знаел дека таа е ќерка на основачот на компанијата.

Амансио освен што ја основал Inditex (компанијата што стои зад голем број брендови како ZARA, Bershka, Massimo Dutti, Oysho, Pull&Bear, Stradivarius) исто така е сопственик на највисокиот облакодер во Мадрид, Torre Picasso, како и на Epic Residences & Hotel во Мајами, САД.

Амансио се пензионира во 2011-та година, но велат дека сè уште е мошне вклучен во активностите на компанијата. Важи за мошне скромен човек кој секојдневно јаде заедно со неговите вработени во кафетеријата на компанијата.

Велат дека иако денес има милијарди, основачот на ZARA никогаш не ги заборавил своите скромни почетоци, па така во биографијата The Man from Zara: The Story of the Genius Behind the Inditex Group, авторот Ковандога О Шеа пишува дека за време на отворањето на бутикот на ZARA во Њујорк, Амансио бил толку многу емотивен што се заклучил во тоалетот и плачел.

„Можеш ли да замислиш што помислив за моите родители во тој миг? Дека ќе бидат горди на нивниот син, кој, да речеме, успеал да ја открие Америка, а почнал од мал непознат град во северна Шпанија?“ – наводно му рекол Амансио на Ковандога.