👁️  915

Србија ќе побара од мировните сили на НАТО да ѝ дозволат да распореди српски војници и полицајци на Косово, во согласност со одредбите на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244, кажа денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

На прес-конференција во Белград, Вучиќ изјави дека ќе испратат писмо со барањето до командантот на КФОР, иако е сигурен дека барањето ќе биде одбиено.

„Ние денеска го усогласивме текстот со барањето кое во согласност со резолуцијата 1244 ќе го испратиме до командантот на КФОР да обезбеди распоредување на припадници на војската и полицијата на Србија на територијата на Косово. Со резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244 е потврдено дека на договорен број српски војници и полицајци ќе им биде дозволено да се вратат на Косово за извршување одредени функции. Досега со КФОР не се водени разговори за враќањето на овие припадници“, изјави Вучиќ.

Изјавите на Вучиќ доаѓаат по серија инциденти меѓу косовските власти и Србите кои се мнозинство на северот на Косово.