👁️  26

Српскиот претседател Александар Вучиќ, во изјава за ТВ Пинк соопшти дека во вечерашните протести двајца полицајци се потешко повредени.

Тој соопшти и дека се приведени 35 „силеџии“, како што ги нарече демонстрантите кои протестираат поради наводна изборна измама.

Вучиќ им се заблагодари на сите припадници на Министерството за внатрешни работи и истакна дека е важно сите да знаат дека ова е подготвено, и дека имаат цврсти докази за тоа.

– Државата ќе реагира согласно законите и Уставот на нашата држава. Никој нема право да ни ја уништува куќата, имотот на нашата земја и на нашите граѓани, а уште помалку има право да ги загрозува животите на нашите полицајци, рече Вучиќ.

Според него, двајца полицајци се тешко повредени, а на еден едвај успеале да му го запрат крварењето.

– Неколку од нив се ранети. Нашите безбедносни агенции целосно го предвидоа ова, ја информиравме јавноста и сите се правеа наивни како да не знаат за што се работи, вели Вучиќ.

Како што оцени, вечерва бил направен обид насилно да се преземат институциите на Србија.

– Досега се уапсени повеќе од 35 силеџии. Акцијата продолжува и нема да запре. Во моментов се утврдува идентитетот на некои лица и сите ќе бидат уапсени во текот на ноќта. Каде и да се кријат нема да можат да се сокријат, рече српскиот претседател и додаде дека изборната волја на народот е света.

Како што вели, за минута и пол сите побегнале кога се појавила жандармеријата.

Тој додава дека и нанеле голема штета на државата Србија.

– Се надевам дека повредените полицајци ќе бидат добро. Се јавив на еден од нив. Утре ќе се обрати полицијата и ќе ги покаже сите докази. Ќе го гониме секој што учествувал во тоа, рече Вучиќ.

Како што вели, секој ќе одговара за насилничко однесување.

Фото: МИА принтскрин