👁️  1209

– Педесет и едногодишниот Сашко Арсов од населбата Оризари попладнево отепал волк што му влегол во дворот од семејната куќа, објави локалната телевизија Канал Осум.

Дивото животно непријатно го изненадило затоа што не очекувал блиска средба со него во централниот дел на населбата, а во тој момент по улицата „Кирил и Методиј“ во која живее, поминувале деца и други луѓе. Само присебноста му помогнала да го совлада волкот и да избегне сериозни повреди.

-Во моментот кога го забележав помислив дека се работи за куче од расата германски овчар кое шета со другите бездомни кучиња во населбата. Кога почна да ми приоѓа сфатив дека се работи за млад волк, кој се симнал од падините на планината и влегол во дворот. Успеав да го шутнам со ногата и да го оддалечам за миг, а потоа со камен и стап што случајно ги најдов во близина, го удрив неколку пати во пределот на главата. Вознемирен сум од случката и не сакам ни да помислам за можните последици ако животното се појавеше навечер или пак ако наидеше некое дете или жена, истакна Арсов.

Жителите на Оризари потврдија дека во изминатите неколку вечери во близина на населбата слушнале завивање на волци, кои најверојатно во потрага по храна се симнуваат од Осоговијата. Загрижени се за сопствената безбедност и бараат реакција од надлежните ловочуварски служби.