👁️  19

САД потрошиле рекордни 17,9 милијарди долари за воена помош за Израел од почетокот на војната во Газа пред една година и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, се вели во извештајот за проектот на Универзитетот Браун наречен „Трошоци на војната“.

Извештајот беше објавен денеска, на годишнината од терористичкиот напад на палестинскиот Хамас од Газа во јужен Израел.

Дополнителни 4,86 милијарди долари се потрошени за зголемени американски воени операции во регионот од нападот на 7 октомври 2023 година, велат истражувачите.

Како што пренесува Бета, повикувајќи се на агенции кои имале увид во извештајот, во документот се вклучени трошоците за кампањата предводена од членови на морнарицата, специјализирани за запирање на нападите на јеменските бунтовници Хути врз товарни бродови.

Хутите тврдат дека овие напади ги изведуваат во знак на солидарност со исламистичкиот Хамас, кој е поддржан од Иран.

Најголем дел од американското оружје испорачано во текот на изминатата година се артилериски гранати, наведувани бомби и т.н. уништувачи на бункери од 900 килограми и муниција.

Според извештајот, четири милијарди долари се потрошени за реставрација на противракетните системи „Железна купола“ и „Давидова прачка“, за пушки и гориво за авиони.

САД јавно објавуваат податоци за воената помош за Украина, но невозможно е да се дознаат сите детали за испораките на Израел, така што 17,9 милијарди долари, по голема веројатност, не се единствениот трошок.

Како причина се наведуваат напорите на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден да ги скрие информациите за висината на помошта.

Фото: Архива