👁️  1314

Во македонската армија се врши селекција на војници кои треба да бидат испратени во состав на НАТО трупите во Романија и Бугарија. Целта е јакнење на источното крило на НАТО поради војната во Украина и можноста воениот судир да ескалира и да дојде до вооружена интервенција од страна на Алијансата. Од Министерството за одбрана за МКД.мк потврдуваат дека ќе бидат испратени околу триесетина војници на доброволна основа.

Членството во НАТО не подразбира само придобивки за Македонија, туку и солидарност со останатите членки по сите прашања, па така и да се учествува во војна со свои војници и воени средства.

Поради одредени шпекулации по социјалните мрежи побаравме одговор од Министерството за одбрана дали е точно дека македонската армија се подготвува да испрати повеќе стотици војници кон границите со Украина.

Од министерствотот за МКД.мк одговорија дека станува збор за ширење на лажни вести кои имаат цел дискредитација на Македонија, нејзината војска и на самата министерка за одбрана.

Вистината е дека ќе бидат испратени околу 30 војници и тоа на доброволна основа, за што, велат во министерството, се отпочнати соодветни подготовки за учество во активностите за зајакнување на источното крило на НАТО стационирано во Романија и во Бугарија.

„Врз основа на донесените одлуки на Владата за учество на Република Северна Македонија во зајакнувањето на источното крило на НАТО “Enhanced Vigilance Activity-eVA” – Република Северна Македонија во eVA ќе учествува со два пешадиски вода со јачина од по околу триесетина припадници, кои ќе бидат распоредени во НАТО силите во Бугарија и Романија“, велат во министерството.

Во одговорот за МКД.мк се нагласува дека упатувањето во воени мисии и операции се врши согласно внатрешните процедури и тоа на доброволна основа, но и дека во моментов се врши и селекција според стручноста и образовниот степен на војниците.

„Во овој период се врши избор на кандидатите кои се пријавиле што подразбира спроведување на проверки на познавање на англиски јазик, физичка подготвеност, обезбедување на безбедносни сертификати и воена стручна подготвеност, по што кандидатите одат на понатамошна селекција за избор и систематски прегледи. По завршување на целосната постапка ќе биде донесено решение за избор и упатување, по што ќе отпочнеме учество и во овие две операции во следниот период“, ни одговорија од министерството за одбрана.

Во Македонија одамна не се служи воен рок па така војската е составена од професионални војници што подразбира дека тие мора да извршуваат поставени задачи како во мирнодопски услови, така и евентуално во војна.

Кога во прашање е источното крило на НАТО, последниве недели повеќе земји членки на НАТО испраќаат војници, тенкови, авиони и други воени средства во рамки на трупите на источното крило на Алијансата, а повеќето од трупите се стационираат во Романија и тоа во близината на границата со Украина.

Заради пример, Шпанија испраќа 14 борбени авиони во Романија и шест во Бугарија, како и околу 150 војници во Бугарија. Франција, која формално раководи со трупите во Романија каде има околу 300 војници, дополнително ќе испрати голем број на пешадиски оклопни возила како и тенкови „Леклерк“ Во Романија веќе се наоѓаат над 150 холандски и белгиски војници.

Извор: МКД.мк